Кај некои пациенти раните не се затвораат на време туку седат подолго време отворени. Поради тоа тие се изложени на голем ризик од инфекции од најразлични бактерии. Најчесто бактериите кои прават инфекции се Ешерихија коли и Стафилокока ауреа, но има и други староседелци на нашата кожа.
Затоа е битно големите рани брзо да се преврзат и исчистат од кога ќе настане повредата. Сепак, на повидок е површина која ќе може да се претвори во преврска или фластер и да ги „извлече“ бактериите од раната. Се работи за материјал од полимерни филаменти, со дебелина на влакното 100 пати помала од човековото влакно. Тие се направени преку процес наречен електроспинување и се направени од различен состав кој одговара за различни бактерии.
На пример, материјалот алиламин лесно ги закачува за себе Е. коли, додека друг материјал ги врзувал за себе бактериите од С. ауреа. Последново врзување било успешно само ако големината на влакното било слично на големината на бактеријата, а не и помало.
Интересното е што ваквиот концепт со различни типови на материјали може да се искористи за секакви типови на бактерии, па и вируси и други материи. Тука можат да влезат ХИВ, шеќер, инсулин, па дури и клетки од рак. Се` што е потребно е да се погоди материјалот, а потоа да се доведе до заболеното место при што „неранимајкото“ ќе биде вшмукан и тргнат од местото на злосторот.
Научниците од Универзитетот од Шефилд ќе продолжат да работат на развивање на овој концепт, па може да очекуваме подобри резултати во иднина со повеќе типови на болести и загадувачи. Јас лично би сакал да ги видам и како филтер против воздушно загадување. Скопје, нели, има фабрики со филтри и затоа загадувањето на воздухот кое постојано го евидентираме доаѓа веројатно од „ништо“.
Извор: Geek, IFLScience