Богданци, 23 август – Денеска започнува главната сесија на Графичката работилница „Софија“, која по јубилеен 15-ти пат ќе се одржи во Богданци. Традиционалната меѓународна графичка работилница е единствена од ваков тип во регионот, бидејќи на едно место ги собира студентите од завршните години на додипломски и постдипломски студии на факултетите и академиите за ликовни уметности од Балканот и пошироко. Селекцијата на учесници ја прават академиите и професорите, кои избираат по двајца најдобри студенти. Нивното учество на Графичката работилница е награда за постигнатиот успех за време на студиите.

Годинава во Богданци ќе учествуваат 11 графичари од Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Македонија. Ментор е професор Јохан Јотов од Националната академија за ликовни уметности во Софија, а асистент Сања Жигиќ од академијата во Нови Сад. Уметниците ќе работат во сите класични графички техники: висок печат, длабок печат, рамен печат, пропустен печат, а делата ќе ги претстават на завршната изложба на 1 септември во Домот на културата „Бранд Петрушев“ во Богданци. Од основањето до денес, главен поддржувач на графичката работилница е Печатница „Софија“ од Богданци.  

„Графичката работилница веќе петнаесет години е место за средба на најталентираните млади графичари, точка на размена на искуства и идеи, средиште за творештво на многу уметници. Иако славиме мал јубилеј, годинава не добивме никаква поддршка од Министерството за култура. Сепак, тоа не нè поколеба во намерата да го задржиме континуитетот и високиот квалитет кој го негуваме една и пол деценија, по кој работилницата стана препознатлив културен симбол не само во Македонија туку и во регионот“, вели Виктор Семенпеев, претседател на Здружението на граѓани Графичка работилница „Софија“ Богданци, кое организатор на настанот.

Графичката работилница „Софија“ е меѓународен центар во кој се следат современите тенденции во регионалната, но и европската графичка уметност. На неа досега учествувале повеќе од 200 уметници, поседува фонд од околу 500 дела, а отворена е во текот на целата година.  

Претходна статијаФилмови и една серија на Pickbox NOW со кои ќе ви се чини дека летото уште не завршило
Следна статијаЕлон Маск го повика Џек Дорси, основачот на Twitter, на судскиот процес закажан за октомври