СКОПЈЕ, 16.10.2019: Идниот петок (25 октомври) хотелот „Хилтон“ во Скопје ќе биде домаќин на Втората годишна конференција за е-трговија која оваа година се организира под мотото „Бизнис раст со етрговија“, а во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.

И оваа година, Конференцијата ќе биде место каде мноштво на истакнати меѓународни и домашни говорници преку предавања, панел дискусии и неформални разговори, ќе ги пренесат своите експертизи и искуства од областа на е-трговијата.

„Водејќи се од предизвиците на учесниците на пазарот на е-трговија, оваа година решивме во фокусот на конференцијата да биде растот на бизнисот кој може да се забрза со правилно водење на е-трговијата, како еден од најзначајните канали за продажба. Главниот акцент ќе биде ставен на интернет купувачот и на модерните маркетинг алатки. Е-трговијата е голем двигател на растот на бизнисот и често ги надминува очекувањата на менаџерите, но единствено со нејзино правилно менаџирање“, изјавуваат од Асоцијацијата.

На конференцијата ќе говорат еминентните Скот Рафер и Кендас Бисек – истакнати ветерани во дигиталната економија и социјалните медиуми, а своето присуство меѓу останатите го потврдија и Чарлс Валтон – сениор заменик претседател во Мастеркард, Вања Манова – менаџер на Мастеркард за Македонија и Бугарија, како и нашиот Горјан Јовановски – технички лидер од Booking.com.

Пред присутните ќе се обратат и министрите од Владата на Р.С. Македонија, Нина Ангеловска и Дамјан Манчевски, како и директорите на Царинската управа и Фондот за иновации и технолошки развој.

Дека македонските бизнисмени се заинтересирани за надградување на своите познавања од областа на електронската трговија, говори фактот дека билетите за годинашното издание на конференцијата се пред целосно распродавање.

Инаку, минатата година конференцијата ги пресретна и надмина очекувањата на 85% од учесниците. Беа присутни околу 400 учесници од 150 компании, организации, универзитети и владини институции, а свои презентации имаа 30 говорници од 8 земји.

Претходна статијаPixelbook Go е поевтина верзија од лаптопот на Google кој работи на Chrome OS
Следна статијаGoogle претстави нови Pixel Buds кои сега се вистински безжични и многу подобро се вклопуваат во увото