Скопје, 3 ноември – Основното училиште „Ристо Ристески“ од с. Долно Косоврасти победи на онлајн натпреварот по кодирање со уредот „Микро:бит“. Натпреварот го организираше Британскиот совет, како дел од програмата „Училишта на 21век“. Оваа програма ја реализира Британскиот совет во соработка со Министерството за образование и наука и таа е финансирана од Владата на Обединетото Кралство. Натпреварот се одржа онлајн за да ги заштитиме сите учесници, согласно моменталната епидемиолошка состојба.

Учениците Ермира Оручоска и Сеад Рустемоски го изготвија проектот наречен „Правосмукалка Мирина в1.0“, под менторство на наставникот Ристо.

Коларовски. „Ни беше интересно, научивме многу од другите проекти и сега имаме дополнителна мотивација да продолжиме со надоградба на нашиот проект – правосмукалка“, рекоа тие. Второто место го освои училиштето „Ашим Агуши“ од с. Радолишта, Струга со проектот „ Класификација на отпадот со употреба на микробит “, а третото место му припадна на училиштето „Страшо Пинџур“ од Карбинци кое го изготви проектот „И СМАРТ И СПОРТ (Паметна употреба на паметни уреди)“.

Во последната фаза од процесот на селекција на овој натпревар се квалификуваа 9 основни училишта од државата. Учениците и нивните ментори имаа задача да изготват проекти кои ќе понудат решенија за некои секојдневни проблеми од нивното опкружување. Сите фази од натпреварот, вклучително пријавувањето, почетната оценка на проектите и самиот настан, се одвиваа онлајн.   

За да бидат успешни, покрај вештините за кодирање, училишните тимовите ги користеа и нивните вештини за решавање проблеми и критичко размислување. За да се квалификуваат успешно за натпреварот, тие ги усовршија нивните вештини за презентирање и создавање видеа. „Програмата Училишта на 21 век” ја буди креативноста и иновативноста кај македонските ученици. Проектите се приказ на применливо знаење кон кое треба да се  стреми образовниот процес.“, изјави Елеонора Запрова, директорка на Британскиот совет.

Британската амбасадорка Рејчел Галовеј го отвори настанот, упатувајќи ја следнава порака: „Гордејте се со вашите наставници, бидејќи и тие учат и напредуваат со вас. Одржувањето дистанца и онлајн наставата се нов концепт и за нив. Навистина е голем успех тоа што денес сте присутни како тимови и имате можност да ги претставите вашите проекти“. 

Имавме особена чест на учениците и наставниците да им се обрати и Мила Царовска, Министерка за образование и наука, при што во оваа прилика таа ја изрази благодарноста до Британскиот совет за поддршката во примената на микро:бит уредот во наставата. „ Досега 65% од училиштата се опремени со микро:бит уреди и ако успееме микро:бит уредот да се воспостави како задолжителна настава за сите, во самиот курикулум, и да го користат сите училишта во различни предмети, согласно реформата која што се подготвува за концепцијата во основното образование, тогаш како држава ќе може да се пофалиме дека веројатно во наредните 10 години ќе имаме многу повеќе дигитално писмено население “, истакна Царовска.

Претходна статијаКонцепт за нуклеарна рекета доставен до NASA може да го скрати патот до Марс на 3 месеци
Следна статијаИграчките конзоли не се иднината на гејмингот, стримингот на игри од било кој уред е иднината