Изминатиов период се одржаа неколку натпревари по информатика во различни земји низ Европа, на кои учествуваа македонски претставници и дома се вратија со освоени медали.

Нашите претставници освоија еден сребрен и два бронзени медали на Балканската олимпијада по информатика, и два бронзени медали на Јуниорската балканска олимпијада по информатика, кои се одржаа во јули во Темишвар, Романија. Кон крајот на јули во Инополис, Русија, се одржа и втората по ред Европска Јуниорска Олимпијада по Информатика.

За потребите на натпреварите дел од учесниците беа подготвени во Семос Едукација од страна на искусни и врвни предавачи. Детскиот Едукативен Центар со години наназад успешно подготвува сериозен тим на ученици кој покажува одлични резултати на различни олимпијади, домашни и меѓународни натпревари по информатика.

„Семос Детскиот Едукативен Центар 10 години активно ги поддржува натпреварите по информатика и Здружението на информатичари на Македонија. Таа поддршка е изразена преку различни форми, меѓу кои и активно учество во подготовка на децата натпреварувачи преку своја едукација. Како краен резултат се многуте освоени награди и пофалници како на државно така и на меѓународно ниво што претставува наш мотив за понатамошна активна работа на ова поле.“ – изјави Наташа Ристеска Тодоровска, раководител на Детскиот Едукативен Центар во Семос Едукација.

Кристина Тасева и Тео Китановски се ученици во Семос Едукација, учесници на неколку јуниорски натпревари и добитници на медали.

Кристина започнала да се натпреварува во шесто одделение, односно има поминато 4 циклуси на натпревари во Македонија (училишни, регионални и државни натпревари). Покрај тоа, два пати има учествувано на МГ Купот организиран од страна на Математичката гимназија во Белград, три години по ред на Јуниорската Балканска олимпијада по информатика ЈБОИ, а во последните две години и на Европската Јуниорска олимпијада по информатика. Досега има освоено неколку први и втори места на регионалните натпревари, втори и трети награди на државните натпревари како и еден бронзен медал на Балканијада.

„Основите на програмирањето ги започнав во Семос Едукација кадешто ми предаваше Росица Дејановска, еден од најдобрите програмери во Македонија. Сѐ уште ги посетувам нивните курсеви, а покрај тоа се надоградувам и со книги и повремени кампови. Професорите имаат многу големо влијание врз учениците, а на мене на сите курсеви досега ми предаваа и ми предаваат луѓе кои во минатото биле натпреварувачи и се искусни во она што сакаат да го пренесат, а покрај предавањата добивам совети и дополнителна помош. На часовите секогаш има позитивна атмосфера и покрај тоа што учиме, нам ни е секогаш забавно.“ – вели Кристина, ученик во Семос Едукација.

Тео Китановски има учествувано на многу натпревари по информатика. Со програмирање се бави уште од осум годишна возраст, но започнал со натпреварување минатата година, во седмо одделение. Тогаш освоил прва награда на регионалниот и втора награда на државниот натпревар, а бил и во екипата за МГ Купот во Белград. Годинава има прва награда на регионалниот и државниот натпревар, и учествувал на МГ Купот (каде добил сребрен медал), на Јуниорската Балканска Олимпијада по Информатика (каде добил бронзен медал) и на Европската Олимпијада по Информатика. Исто така се натпреварува во математика, англиски и физика.

„Моите знаења ги имам стекнато од курсевите во Семос Едукација (почетните курсеви за C++ и подготовките за натпревари), од книги и видеа/туторијали на Јутјуб. Кај курсевите многу помогна што имавме добри професори кои детално можеа да го објаснат материјалот, да ја проверат нашата работа и да пренесат дел од нивните искуства. Книгите се исто така корисни затоа што во слеани поглавја се објаснуваат повеќе теми и многу ми помогнаа особено на почетокот, но сепак курсевите беа поефикасни. Јутјуб ми помогна кога сакав да проучам една конкретна работа, но тоа е далеку од курс или книга.“ – изјави Тео Китановски, ученик во Семос Едукација.

На прашањето што следи понатаму, кои се нивните нови предизвици и натпревари во најава, Кристина вели: „Овогодинешните натпревари завршија, така што чекаме да почне одново циклусот во февруари. Во меѓувреме секако следат подготовки, но исто така во план ми е да пробам и други видови на програмирање, освен натпреварувачкото.“ Тео додава: „Ќе учествувам на овие натпревари и наредната година, цел ми е на интернационалните натпревари да имам барем еден медал повисок од оние што ги добив годинава, но и да освојам медал на Македонската Олимпијада по Информатика на која што за жал овие две години не учествував. Информатиката, односно програмирањето е и мојата желба за професија во иднина, па затоа постојано работам на разни мои проекти од повеќе области. Моментално како највозбудлива и најинтересна област ја гледам вештачката интелигенција“.

За Македонија претставува огромен успех што млади и талентирани ученици редовно учествуваат на вакви престижни натпревари, и уште поважно, се враќаат со освоени медали. Овие натпревари се од исклучителна важност за понатамошен развој во информатичката област и промовирање на дигиталната писменост во нашата држава.

Претходна статијаНовиот дизајн на Google Chrome доаѓа со верзијата 69 идниот месец
Следна статијаSkype воведе „од крај-до крај“ шифрирани разговори на сите свои апликации