Скопје, 27.10.2021 – Енергетската криза на глобално ниво, вклучувајќи ја и Македонија, е реалност. „Залихите“ во европските енергетски складишта се на значително ниски нивоа за овој период од годината. Дополнително, она што ја зголемува сериозноста на ситуацијата е намаленото производство на енергија од ветерните паркови – резултат од недостигот на ветрови изминатиот период, додека пак застарените термоелектрични централи во Европа постепено се укинуваат, со што гасот како ресурс станува сѐ понеопходен.

Факт е дека Земјата се соочува со недостиг на електрична енергија, основно поради намалено производство од една страна и зголемената потрошувачката на струја од друга страна. Дури два пати повеќе се троши електрична енергија, отколку што се произведува. Од оваа алармантна ситуација не е исклучок ниту нашата Држава. Често сме сведоци на информации дека хидроакумулациите во Македонија немаат доволно вода за производство на струја за покривање на дневните потреби.

Ваквиот дефицит на електрична енергија треба да го вклучи алармот и сите субјекти кои имаат можност, да дадат придонес во амортизирање на настанатата ситуација. Поточно, да се даде фокус кон сферите од енергетиката со кои би можело да бидат избегнати турбуленции во енергетскиот сектор.

Како одговор кон актуелноста на оваа тема, младите започнуваат да се мобилизираат и ангажираат во доменот на енергетската ефикасност и одржливиот развој. Токму затоа, студенти од Факултетот за Електротехника и Информациски Технологии – ФЕИТ, обединети во својот интерес да придонесат кон зголемување на свеста за важноста на енергетската ефикасност и стимулирање дијалог за придонес во ова поле, веќе деветта година по ред организираат меѓународна конференција која ги допира овие точки од секторот: енергетика.

Овогодинешното издание на Студентска Конференција за Енергетска Ефикасност и Одржлив Развој – СКЕЕОР 2021, ќе се одржи во период од 13.12.2021 до 16.12.2021 година. Во рамки на конференцијата, млади и амбициозни умови, поткрепени од професори и експерти од оваа област ќе дискутираат на теми од областа на одржливиот развој и неопходноста на изнаоѓање решенија од овој домен кои ќе придонесат за намалување на сериозноста на ситуацијата во која се наоѓа државата.

Овогодинешната конференција ќе се одржува хибридно: со физичко присуство на учесниците во просториите на факултетот за електротехника и информациски технологии, и online преку користење на “ZOOM” платформата за видео-комуникација. Со пријавување на конференцијата СКЕЕОР 2021 се стекнува искуство и се напредува во научната кариера како и личниот развој. Право за учество имаат студенти од додипломски и постдипломски студии, како и средношколци кои се заинтересирани за ова област.

Пријавувањето е во тек и трае заклучно со 01.11.2021 година.

Повеќе информации за СКЕЕОР и овогодинешната програма може да дознаете на официјалната веб страна: https://skeeor.feit.ukim.edu.mk/

Претходна статијаИницијатива за унапредување на фриленсерството во рамки на проектот „RECONOMY“
Следна статијаGoogle повторно го враќа вниманието кон Android таблет компјутерите со претставувањето на Android 12L