Глобалното затоплување и климатските промени се сѐ поактуелна тема, особено со зголемените ефекти кои настануваат како резултат на долгогодишната (не)грижа за оваа област. Во оваа насока, земјите низ светот континуирано ги зголемуваат своите напори за подобрување на енергетската ефикасност на глобално ниво, а еден од најдобрите начини за борба против негативните ефекти врз животната средина е насочување кон енергетски поефикасен дизајн и конструкција на градбите. Со намалување на бројот на природни ресурси, земјиште, суровини и енергија што се користат при создавање станбени единици, може значително да се намали бројот на гасови кои предизвикуваат ефект на стаклена градина. Ваквите енергетски ефикасни објекти поседуваат високи перформанси и можат да овозможат многу, а притоа користат различни градежни методи, материјали и други ресурси за да создадат енергетски ефикасна, и со тоа, еколошка структура со помал јаглероден отпечаток.

Градежните објекти, особено комерцијалните згради, користат многу енергија за нивно функционирање – од електрична, за греење и ладење, па сѐ до енергија неопходна за сите секојдневни активности што се случуваат во нив. Со инвестирање во изградба на енергетски ефикасни комерцијални згради, многу од овие трошоци може драстично да се намалат. На овој начин, преку намалени трошоци за одржување на објектот, се креира можност за алокација на финансиите на сопствениците и нивна подобра намена. Со градба на енергетски ефикасни објекти или подобрување на постоечките градби во насока на зголемување на нивната енергетска ефикасност, објектот има подолг животен век и бара помалку сериозни поправки со текот на времето. Како резултат, станот, зградата или пак куќата, ќе имаат многу повисока рентабилност, односно доколку сопственикот сака да го продаде објектот, ќе може да достигне подобра цена како резултат на инвестицијата.

Факт е дека пред седумдесеттите и осумдесеттите години, кога интензитетот на градење бил доста напреден, потрошувачката на енергија била исто така поголема. Има безброј причини за ова – од непостоење или неадекватност на термоизолација на објектот, сѐ до неадекватни и понеквалитетни врати и прозорци.

Денес, благодарение на градежните експерти, енергетската ефикасност може да се зголеми дури и до 75% со користење на напредни дизајни и градежни техники кои ја намалуваат потрошувачката на енергија за греење, ладење, вентилација и осветлување, како и надградба на постоечките згради со уреди за заштеда на енергија. Дополнително, со цел поттикнување на примена на енергетски ефикасни решенија, постојат голем број фондови и програми за поттикнување и поддршка на инвестиции во ова поле. Постојат различни стимулации за различни аспекти на енергетска ефикасност, од инсталирање соларни панели и фотоволтаични системи, до инсталирање на поефикасен енергетски ефикасен “HVAC“ систем.

Науката посветено ја проучува поврзаноста помеѓу енергетската ефикасност и економскиот раст, односно енергетската ефикасност и емисијата на штетни гасови, откривајќи многу можности за напредок и повеќекратни придобивки. Зголемен е интересот на новите генерации студенти за развој на решенија од оваа област. Во оваа насока, овогодинешното издание на Студентската Конференција за Енергетска Ефикасност и Одржлив Развој (СКЕЕОР) ќе поттикне дискусија на теми како: Енергетски објекти со потрошувачка блиску до нула, Енергетски ефикасни материјали во градежништво и архитектура, Одржливи и енергетски ефикасни системи за греење и ладење, Градежни објекти и животна средина, Заштеда на електрична енергија во домаќинствата и стопанството.

Деветтото издание на Студентската Конференција за Енергетска Ефикасност и Одржлив Развој – СКЕЕОР 2021 ќе започне во понеделник (13.12.2021) и ќе трае до 16.12.2021 (четврток).Присутните ќе имаат можност да го слушнат главното пленарно предавање на тема „Индикатор за паметна подготвеност за згради: моментален статус и следни чекори“ (The smart readiness indicator for buildings: current status and next steps) кое ќе го предводи г-дин Андреј Владимир Литиу. Студентите ќе можат, преку анализа на моменталната ситуација, да разговараат за можностите кои се кријат во оваа област, но ќе бидат и поттикнати да размислуваат на идеи и решенија за зголемување на енергетската ефикасност на објектите во Македонија и пошироко.

За преглед на деталната агенда на конференцијата, како и повеќе информации за овогодинешното издание на СЕЕКОР, посетете ја официјалната веб страница: www.skeeor.feit.ukim.edu.mk.

Претходна статијаОтворен Едукативен тренинг центар на Црвен крст на Македонија за обука на возрасни во Скопје
Следна статијаСмартус стана ексклузивен дистрибутер на траките за трчање Kingsmith Walkingpad од Xiaomi ecosystem во Македонија