Минатата недела Охрид, Охридско Езеро и Охридско лето заедно со Македонски Телеком беа исфрлени во средиштето на интересот на јавноста по една извонредна работа: грандиозен спој на навидум неспоивото: уметноста, технологијата и природата. „Гласот на Охридското Езерото“, како што му е името на овој иновативен и сосем необичен проект, ги извлече звуците од длабочините на езерото, ги пресретна на површината, ги преточи во музика и со помош на технологијата му ги подари на слушателот. Проект во чија суптилна позадина силно одекнуваат пораките за убавината на овој наш природен бисер и за потребата тој да се чува како свет грал!        

За таа цел, по иницијатива на Македонски Телеком, кој ги впрегна своите технолошки капацитети и заедно со Фестивалот “Охридско лето” како партнер, остварија соработка со еден од најиновативните музички композитори во земјава, Џијан Емин, кој го прифати предизвикот и ги сними звуците на Охридското Езеро збогатувајќи ја на уникатен начин македонската музичка ризница и создавајќи трајна уметничка вредност.

За многумина можеби звучи чудно и се прашуваат како тоа е возможно и како функционира! Сложен компјутерски алгоритам „се храни” со активни податоци и варијабли директно врзани со Охридското Езеро (временски услови, период од денот, длабочина, жив свет, надворешни фактори и друго). Потоа, алгоритaмот сето тоа го „преведува“ во звучни мостри креирани од Џијан Емин, со што на природниот спектакл за прв пат му е даден глас преку кој можеме да ги чуеме звуците на нашиот бисер.

Позитивните реакции не стивнуваат, а од мноштвото забележителна е и онаа на македонскиот композитор Емил Хаџи-Панзов, кој вели дека музиката на „Гласот на Охридското Езеро“ е ултимативен саундтрак.

’Гласот на езерото‘ е прекрасен проект од извонредно значење, кој фасцинира на повеќе нивоа. Од една страна има извонредно едноставен кориснички интерфејс што им овозможува на посетителите веднаш да се нурнат во содржината и да уживаат во соничното истражување на длабочините пред нив. Од друга страна, пораките што проектот ги испраќа се повеќеслојни, а корисникот ги добива на крајно ненаметлив, интуитивен начин. Едноставно е невозможно да не бидете поттикнати на размислување за потребата конечно да почнеме да се грижиме за опстанокот на трајните вредности во нашата средина, за конфликтот (или хармонијата) на природното и артифицелното, за неопходноста човекот да ја користи технологијата за да укаже на проблемите во општеството и да најде решенија за нив. Сето тоа доаѓа зачинето со брилијатната музика на еден од најталентираните домашни композитори Џијан Емин. Тој, црпејќи инспирација од мајсторите на амбиенталниот минимализам, но и следејќи ги актуелните трендови на современата класика и генеративната музика, го создал ултимативниот саундтрек за истражување на длабочините на Охридското Езеро и поттикнување на свеста за негова заштита” изјави македонскиот композитор Емил Хаџи-Панзов

Гласот на езерото е храбар обид на Македонски Телеком како општествено одговорна компанија  со помош на технологијата да креира оригинална музичка композиција, која ќе остане во трајно наследство за идните генерации, постојано потсетувајќи не на убавините на Охридското езеро и на важноста од негово зачувување.

Претходна статијаHUAWEI Mate 20 X (5G) е првиот мобилен телефон во светот кој доби 5G сертификат од Глобалниот сертификациски форум (GCF)
Следна статијаЗа што ќе се користи 6G технологијата која треба да почне да се развива?