Фото: Shutterstock.com

После толку неофицијални информации за уредот од Apple за проширена реалност, кој наводно е во развој повеќе години, сега на темата проговори директорот на компанијата, Тим Кук.

Иако тој не дава информација дали уредот е во изработка и дали може да го очекуваме да биде презентиран на годинешната WWDC конференција во јуни, сепак открива доволно за да можеме да добиеме претстава што се случува во компанијата.

Мислењата за оваа технологија и ставови кои ги има Кук, покажуваат дека тоа е нешто што во компанијата се смета за доста важно и нешто што ќе донесе вредност на пазарот. После ваквите одговори од Кук, кои ги даде во интервју за GQ, може дефинитивно да се заклучи дека ако не оваа година, Apple сигурно некогаш ќе претстави уред за проширена реалност.

Интересно е што тој се навраќа на неговите коментари порано за Google Glass, дека тие не се нешто што корисниците би сакале да го носат. Истакнува дека сега е со променето мислење, па дури и се надоврза на коментарите од Стив Џобс како никој не треба да остане фиксен со своите ставови и дека тие треба да се менуваат зависно од ситуацијата.

„Ако размислувате за самата технологија со проширена реалност, само за да земете една страна од делот AR/VR, идејата дека можете да го преклопите физичкиот свет со работи од дигиталниот свет би можела во голема мера да ја подобри комуникацијата на луѓето, поврзаноста на луѓето. Тоа би можело да ги поттикне луѓето да постигнат работи што претходно не можеле да ги постигнат. Можеби ќе можеме да соработуваме на нешто многу полесно ако седевме овде и размислуваме за тоа и одеднаш би можеле да извлечеме нешто дигитално и двајцата да го видиме и да почнеме да соработуваме на тоа и да создаваме со него. И така, идејата е дека постои ова опкружување кое може да биде дури и подобро од само реалниот свет – да се преклопи виртуелниот свет над него може да биде уште подобар свет. И затоа ова е возбудливо. Ако може да ја забрза креативноста, ако може само да ви помогне да ги правите работите што ги правите цел ден, а не сте размислувале да ги правите на поинаков начин.“ – истакна Тим Кук за GQ.

Според Марк Гурман од Bloomberg, уредот за проширена реалност Apple сепак планира да го претстави на WWDC 2023 во јуни и покрај претходните информации дека тоа повторно е одложено и покрај загриженоста од одредени недостатоци.

Јуни и не е така далеку, па ќе видиме дали навистина ќе го видиме овој уред и што ќе донесе на пазарот.

ИЗВОРMacRumors
ИЗВОР 2TechSpot
Претходна статијаПоцелосен, транспарентен и посеопфатен ЦЕФТА механизам за решавање на спорови
Следна статијаNASA ги избра и претстави астронаутите кои ќе бидат дел од Artemis II мисијата
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.