Перо Сарџоски

Иноватор, истражувач, едукатор. Перо Сарџоски е веројатно човекот со најголема пасија за едукација и истражување кој ќе го сретнете. Секогаш максимално посветен на работата, со континуирана желба за надоградување. Тетовчани го препознаваат како директор за настава во успешното училиште за англиски јазик во Тетово. Ние поразговаравме со него за новите трендови во образованието, како и за иновациите кои ги применува во наставата. Прочитајте ги деталите во прилог.

1. Кој е Перо Сарџоски? Претстави ни се накусо.

Јас сум поет, писател, истражувач, едукатор, иноватор на образовни програми и директор на настава во Пегасус ЕЛС, училиште за англиски јазик од Тетово. Пегасус прерасна во мултимедијален образовен центар и е пионер во воведување на дигитални алатки во наставата. Од минатата година сум и “амбасадор” на финската непрофитна организација HundrED. Нивната цел е вмрежување на образовни институции и едукатори од целиот свет. Идејата е да се промовираат иновации во образованието на глобално ниво.

Исто така сум и квалификуван обучувач за Edmodo. Станува збор за компанија за образовни технологии, чија бесплатна образовна онлајн платформа ја користат над 74 милиони едукатори во повеќе од 400 000 училишта и над 190 земји од целиот свет. Со помош на оваа платформа, Пегасус ЕЛС најверојатно е едно од првите училишта во земјава кое нуди настава без употреба на работни материјали во печатена форма. Или, што би се рекло на англиски –  paperless classroom!

2. Со години водиш училиште за англиски јазик. Сепак, пред година пивотиравте и воведовте нова програма. Раскажи ни за тоа. 

Пегасус ЕЛС пивотираше уште на самиот почеток.  Стартувавме во далечната 2002-ра година, кога започнавме со работа со професори обучени по CELTA/TESOL стандардите. Во тоа време, ретко кој да имаше претстава за што станува збор. CELTA (Certificate of English Language Teaching to Adults) е меѓународно призната квалификација, со која јас лично се стекнав како дел од обуките во рамките на меѓународната мрежа на училишта за англиски јазик – International House.

Во Хејстингс, Англија, завршив обука за работа со детски програми според истоимените стандарди. Подоцна во Барселона се доквалификував за обучувач на професори и директор на настава по истата програма. Со ваквиот пакет на квалификации, Пегасус ЕЛС веќе беше пионер во воведување интерактивна настава во изучувањето на англискиот јазик. Ова постепено доведе до развивање на сопствена наставна програма која се надоградуваше од година во година.

Пегасус ЕЛС работи со тим од високо квалификувани професори, кои се обучени по сите овие стандарди. Воедно, тие се и посветени истражувачи на нови пристапи во образованието. Идејата е  да се зајакнат креативните вештини кај младите посетители на наставата во нашето училиште. Токму ваквиот пристап постепено доведе до развој на новата програма – Дигитална писменост на англиски јазик. Таа во себе вградува комбинирани инструкции по компјутерски вештини и англиски јазик.

Пегасус ЕЛС

Целта е да им се овозможи на младите изучувачи на англискиот јазик да научат како да создаваат квалитетни содржини за нивните дигитални производи. Ова се постигнува преку блогирање, веб дизајн, видео едиција, презентациски вештини, како и нивна успешна промоција на социјалните мрежи. Со други зборови, програмата има за цел да создаде контекст во рамките на кој учениците ќе можат да ги зајакнат своите јазични вештини. Истовремено, целта е да ги обучиме да стекнат и дигитални вештини кои се основа за писменост во 21-виот век, За жал, ваквите вештини, барем кај нас, се’ уште не се целосно интегрирани во формалното образование. Ова е на штета на младата популација која веќе е родена и се развива во новата дигитална ера.

Оваа програма за прв пат ја пилотиравме во 2015-та година. Во 2017-та бевме финалисти во категоријата Локални иновации во рамките на престижната манифестација за иновации во изучувањето на англискиот јазик – ELTons 2017 Innovation Awards. Таа e во организација на Британскиот совет и се одржа минатата година во Лондон, Англија. Оваа програма беше оценета како иновација која нуди развивање на основните вештини кај учениците кои се неопходни за успешен академски и професионален развој во 21-виот век.

Програмата Дигитална писменост на англиски јазик е застапена и во рамките на глобалната мрежа на иновации во образованието – HundrED, каде во целост е претставена целата процедура за спроведување на истата.

Пегасус ЕЛС

3. Колку е важна дигиталната писменост во 21-ви век? Каков е интересот за оваа тема кај младите генерации?

Дигиталната писменост денес ја сочинуваат низа вештини, кои кај нас сè уште не се изучуваат во формалното образование.

Денес веќе, читањето, пишувањето и сметањето не се доволни вештини за писменост во 21-виот век. Па дури и познавањето само на англискиот јазик, или само на компјутерските вештини, не е доволно за да се биде успешен во дигиталната ера во која светот веќе длабоко е навлезен. Денес е потребен комбиниран пристап во овие две области.

Од тие причини, инспирирани од Европската година на културно наследство 2018, Пегасус ЕЛС оваа година реши да ја надгради програмата Дигитална писменост на англиски јазик со теми од областа на културното наследство. Во програмата која ја насловивме – Digital Meets Heritage –  учениците ќе се запознаат со теми од различни категории поврзани со културното наследство. Тука спаѓаат историски личности и настани, уметници и уметнички правци, виртуелни посети на музеи и локалитети од целиот свет. На овој начин, покрај јазичните и дигиталните вештини, учесниците во оваа програма ќе имаат можност да ги збогатат и своите знаења за разни теми од оваа област.

Што се однесува до интересот кај младите, морам да кажам дека свеста за можностите кои се нудат со развивање на овие вештини кај нас е сè уште на ниско ниво. Како и да е, веќе трета година имаме значителен број на учесници во оваа програма. Тие се вистински млади ентузијасти и дигитални херои на своето време. Сепак, додека ваквите програми не станат дел од формалното образование кај нас, не можеме да очекуваме значително унапредување на овие вештини кај младата популација. Тоа е  вистинска штета со оглед на достапноста на дигиталните ресурси, а и со оглед на тоа во која насока се движи светот.

5. Во која насока ќе се развива образованието, земајќи во обѕир дека ИТ експоненцијално напредува во секое поле?

Неодамна читав еден текст за 21-годишен иноватор од Шведска кој со својата стартап компанија планира да воведе револуција во образованието со воведување на AI платформа. Тој користи технологија од типот Alpha-Go, со што се овозможува индивидуализиран пристап во учењето кај секој ученик во различни области, од странски јазици, па сè до наука и математика. За него интерес пројавиле дури и Марк Закерберг и Тим Кук.

Во која насока ќе се одвива образованието зависи од тоа во која насока сакаме да се одвива и човештвото. Да, технологијата експоненцијално се развива во секое поле, но, тоа не значи и дека напредува! Информацијата денес е подостапна од било кога и знаењето ни е на дофат на рака. Сепак, тоа не значи дека и мудро ги користиме сите овие благодети. Технологијата може да биде полезна алатка во развојот на човечката цивилизација, доколку образованието тука ја одигра својата клучна улога.

6. Во повеќето школи сеуште функционира традиционалниот модел на настава. Кои методи вие ги практикувате? Колку е важно да се биде во тек со новите случувања? Што може Македонија да направи за да напреднеме на тоа поле?

Токму ова е основната причина за сите недостатоци во нашето општество. Како земја, Македонија ги има сите неопходни ресурси за да биде најуспешна не само во регионот, туку и на глобално ниво. Потребно е да се изгради здрав пристап во образованието, со јасна престава за тоа што сакаме да постигнеме во иднина, во рамките на технолошкиот развој кој се одвива на глобално ниво.

Ние имаме доволно млади и талентирани умови. Доколку им овозможиме соодветен развој преку современи образовни модели и пристапи кои ќе ги отсликуваат актуелните достигнувања во технологијата, би можеле да постигнат значителни успеси во секое поле.  На овој начин, би овозможиле одржлив развој на оваа земја, далеку од сите застарени модели на општествено уредување.

Секој просветен работник и секој ученик денес со себе си носи и паметен уред! Зошто овие алатки да не се искористат на паметен начин, за да се постигне максимален успех, со минимална инвестиција? Некој ќе рече дека се потребни големи инвестиции во образованието за да се воведат соодветни реформи. Јас на тоа би рекол дека потребна е само добра волја и малку подготвеност да се научат нови пристапи и начини. Традиционалното образование какво што се’ уште постои кај нас ги отсликува потребите на една веќе мината индустриска епоха. Новото дигитално време бара нов флексибилен пристап во образовниот процес, отворен кон иновации прилагодени на потребите кои ги наметнува развојот на дигиталната технологија.

7. За крај, што имаш да им порачаш на читателите на Смартпортал? 

Само здраво образование може да донесе здрава иднина! Затоа образованието не треба да остане закоравен, институционализиран и догматски процес на стекнување само квалификации. Тој треба да биде жив, прилагодлив и инвентивен процес на стекнување знаења, вештини и вредности неопходни за успешен развој на младите луѓе во 21-виот век.

Претходна статијаРСБСП: Европски извештај – кога, како, зошто?
Следна статијаFacebook ќе ни даде рок од 14 дена да одговориме на поканите за пријателство пред автоматски да бидат одбиени