Марио Савовски

Дали го видовте човекот што лебди над зградата на МРТВ? ? Видеото е поврзано со мистериозниот сајт по име 0101001101001011. На главната страница стои пораката “ДАЛИ ГИ ЗНАЕШ ТАЈНИТЕ НА…?” која ги повикува посетителите да разгледаат подетално. Веста за видеото и сајтот брзо се рашири на социјалните мрежи и луѓето веднаш почнаа да истражуваат. За што станува збор и која е вистината позади мистеријата, ќе ни открие Марио Савовски – креаторот на целата оваа интрига ? ?

1. Кој е Марио Савовски?

Би се опишал главно како дизајнер на игри, бидејќи тоа ми е позицијата во Lynx Animation Studios. Тоа е студиото каде што работам и творам моментално. Освен тоа што дизајнирам игри, пишувам проза и сценарија и се интересирам за графички дизајн. Накратко – се’ што е поврзано со креативност ме интересира. Затоа со најновиот проект, Урбанон, се обидувам да искомбинирам се’ што ме интересира во едно.

2. Што е вистината позади мистериозната приказна со човекот што лебди?

Видеото привлече голем интерес за она што го работам. Станува збор за интердисциплинарен проект, “Урбанон – Тајните документи од архивата на Отралкон”, кој е поддржан од Министерството за култура. Проектот е кулминација на повеќегодишен труд и припрема. Како дизајнер на игри, сценарист и писател, Урбанон е мојот обид да се направи една фузија на старото и новото, да се донесе книжевноста како уметност во 21 – виот век. Сакав да направам една интерактивна приказна која го претвoра читателот од пасивен восприемач во активен учествувач. Идејата е читателот да се вовлече во светот кој го гради и му дава можност самиот да избере колку ќе навлезе во приказната.

Англискиот термин за ваков проект е Alternate Reality Game или АРГ за кратко. Својствено за овој тип на игри, учесниците решаваат загатки и пронаоѓаат иновативни решенија на проблемите. Покрај ова, тие го истражуваат дигиталниот, а и реалниот свет во потрага по одговори и решенија. Ова е првиот АРГ во Македонија. Се работи за комбинација од книга, веб страница, апликација и аудиовизуелни материјали, како и локации во реалниот свет.

Урбанон, Марио Савовски

Книгата служи како појдовна точка која читателите ја користат за навигација низ веб сајтот и апликацијата. Тие решаваат загатки и откриваат разни мистерии со цел да стигнат до крајот на приказната, често наоѓајќи ги одговорите низ Скопје. Ова е нешто тотално ново и уникатно кај нас. Без да ја расипам мистеријата, можам да кажам дека се работи за документи од организација по име Отралкон. Таа испитува натприродни случки кои повеќето читатели би ги препознале како урбани легенди. Се работи за приказни како Куќата во Црниче, Невестата на Мостот, Црниот Самуил и слични урбани легенди од Скопје и пошироко.

Сајтот е моментално активен, а промоцијата на книгата ќе биде на 21 – ви Март во ресторан МКЦ од 20:00 часот.  Тогаш ќе биде откриена и апликацијата. Иако книгата сеуште не е излезена во продажба, АРГ-от е веќе почнат и многу луѓе се приклучија во откривањето на веб страницата http://0101001101001011.com/.

3. Оттука, да се надоврземе, каква е ситуацијата за гејминг индустријата во Македонија?

Генерално, гејмингот и правењето игри е се’ уште во бебешка фаза кај нас. Да, имаме неколку студија кои прават видео игри и неколку кои прават друштвени игри, меѓутоа уште нема доволнo поддршка од државата. Воопшто, ова важи и за интерактивни проекти кои се разликуваат од она што е веќе познато како филм / книжевност /музика / уметност. Министерството за култура дури годинава за прв пат отвори нова категорија за поддршка на интердисциплинарни проекти.

4. Кои се плановите за во иднина?

Искрено, изненаден сум од досегашниот успех. Луѓето делуваат доста заинтересирани за овој тип на игра. Се надевам дека ќе продолжи интересот и дека ќе се појават луѓе на промоцијата. Се надевам дека ќе се внесат во светот и мистеријата околу сајтот и организацијата. Гледам дека има доста интерес за вакви проекти, па имам планови за нешто уште поголемо и поамбициозно за во иднина.

5. Што имаш да им порачаш на читателите на Смартпортал?

Се надевам мојот проект ќе ги инспирира луѓето не само да очекуваат повеќе од македонските креатори и автори, туку и самите да посегнуваат по нови работи. Сакам да се оттргнат од веќе виденото и да експериментираат. На овој начин би предизвикале една креативна ренесанса што ќе донесе бран на нови интересни работи во областа на културата. И секако, ги повикувам сите читатели да дојдат на 21 – ви во ресторан МКЦ да видат за што се крева толкава врева. Верувам дека нема да бидат разочарани!

Следете го Смартпортал на друштвените мрежи ✌

Претходна статијаМаск го прикажа концептот за Hyperloop платформите на кои пешаците имаат предност
Следна статијаШто сѐ Facebook знае за нас ?