Елон Маск има напорна година, по сите човечки (и надчовечки) стандарди. Тој се вмеша во спасувачката акција на момчињата во Тајланд. Потоа се вмеша во обидите за надминување на кризата со водата во Флинт, Мичиген (САД). Се расправаше со новинари, а се спореше и со (поранешни) вработени. Сето тоа додека неговите компании СпејсИКС и Тесла се соочуваат со низа успеси и предизвици.

Сега тој е повторно во центарот на вниманието, откако објави на Твитер дека сака да ја направи Тесла приватна компанија. Во неговиот твит, тој објави дека има „обезбедено финансирање“.

Постоеја разни шпекулации за тоа кој е изворот на тие финансии, пред да биде откриено дека станува збор за инвеститори од Саудиска Арабија.

Сепак, на крајот Маск се пишмани и одлучи дека Тесла има подобра иднина како „јавна“ компанија.

Зошто тогаш толку драма околу целата ситуација?

Маск е цар кога станува збор за привлекување на очите на јавноста. Неговите Твитер и Инстаграм објави се постојано споделувани од корисници и медиуми низ светот. Се што ќе каже Маск е предмет на темелна дискусија во јавноста. Така помина и веста за потенцијалното влегување на инвеститори од Саудиска Арабија во Тесла.

Ништо од таа приказна. Но, не верувам дека Маск очекувал тужба од луѓе што купиле акции во Тесла откако тој го објавил твитот. Или пак дека ќе биде започната истрага за тоа дали со објавата на твитот и последователното зголемување на цената на акциите на Тесла (скокнале од 355 долари по акција, на 380 по објавата на твитот), Маск всушност го прекршил законот.

Се на се, ова се возбудливи (и неверојатно тешки) времиња да се биде Елон Маск.

Претходна статијаПрви официјални слики од холограмскиот RED Hydrogen One смартфон
Следна статијаПрепорака: Три чудни хорор стрипови од Јапонија за крај на летото