Елон Маск не престанува да размислува за населување на други небески тела. Поточно, досега главна цел беше планетата Марс, но отсега тој планира и одење на месечината, иако претходно не го сметаше тоа за некој предизвик. Како што е обичај за него, првите рендери од тоа како би изгледала база на месечината или пак град на Марс ги објави на твитер.

Од твитовите, оној за месечината се чини и како поинтересен, бидејќи е многу пореален од град на Марс. Елон Маск ја нарекува базата Moon Base Alpha, што е веројатно прва од базите кои би се направила (да претпоставиме дека втората ќе биде бета). На неа може да се видат неколку големи ракети познати како Interplanetary Transport System, кои би можеле прилично често да пренесуваат товар од земјата на Месечината.

На твитот за Марс пак тој нагласува дека градот на оваа планета ќе гледа во небото обратно од Земјата, односно небото навечер ќе биде сино, додека преку ден ќе биде црвено. Исто така и тука може да се видат големите ракети за превоз на патници и товар, но и голема стаклена хала, во која ќе живеат „Марсовците“.

Мора да се признае, градот на Марс изгледа особено интересно и би било навистина прекрасно доколку Маск успее да однесе поголем број на црвената планета, но пречките за тој потфат се и натаму големи, особено во делот на безбедноста на астронаутите. Како и да е, неговите напори за истражување на Вселената се добредојдени и според мене, него веќе треба да му се приклучат повеќе компании од приватниот сектор, а особено вселенските агенции како NASA, ESA, CNSA, Roscosmos итн.

Извор: The Verge, TechCrunch, Phys

Претходна статија„Твитовите“ од 140 карактери заминуваат во историја
Следна статијаНа повидок е нов начин на искористување на обновливи извори на енергија