sony_xperia_z5_camera_display_website

Јапонскиот гигант можеби не успеа во смартфон играта како што очекуваше – Xperia линијата не носи високи продажни резултати. Но, затоа многу други производители употребуваат нивни компоненти во своите телефони, како на пример сензори за камерата, каде експертизата на Sony е ненадмината.

Sony е најголемиот производител на сензори за најразлични камери и фотоапарати во светот – од професионални DSLR-и, до малите сензори за смартфоните. Новиот сензор кој штотуку го претставија се вика IMX318 и е наменет за смартфоните од високата класа кои ќе бидат лансирани во наредниве година дена.

Според Sony, овој сензор треба да донесе големи подобрувања во неколку различни аспекти од фотографијата и снимањето видео. Прво, во сензорот сега е вградена електронска стабилизација во три оски за видео, што значи дека производителите на смартфони нема да мора да вградуваат оптичка стабилизација за постабилни видеа, која чини многу пари и ја покачува цената на телефоните.

Потоа, според Sony ова е првиот сензор со вграден брз автофокусен систем, кој е комбинација на супер брзиот “phase detection” кој се вградува во професионалните DSLR-и и побавниот, но многу попрецизен “contrast detection” систем, со кој фокусираат сите денешни смартфони. Овој систем треба да овозможи фокусирање за само 0,03 секунди, што значи дека со овој сензор нема да има веќе промашени фотографии поради бавниот автофокус.

Сензорот ќе биде и делумно помал во однос на претходниците – 1/2,6 инчи и ќе има 22,5 мегапиксели. Ова навестува дека и самите пиксели ќе бидат помали, што е лоша вест за фотографирањето и снимањето видео навечер – помалите сензори секогаш вадат повеќе шум, но ако треба да веруваме во нешто, тоа е секако експертизата на Sony – нивната Exmor RS линија секогаш позитивно изненадувала со резултатите.

Исто така, не помалку важно, сензорот има можност за сликање на супер квалитетни фотографии со 22,5 мегапиксели, додека корисникот снима 4K видео, нешто што не е возможно во ниту еден актуелен смартфон. Вака, ќе бидете сигурни дека ќе ги фатите сите интересни моменти додека снимате некоја акција.

Новиот IMX318 сензор на Sony можеме да очекуваме да биде вграден во новите Xperia смартфони од “Z” серијата, но и во телефоните од високата класа на многу други производители.

Извор: Engadget, 9 to 5 Google, NDTV

Претходна статија100 Kickstarter факти за 100.000 успешно финансирани проекти
Следна статијаLenovo за MWC спрема нов алуминиумски смартфон со ниска цена