I-1-Packaging-Camera-Front-ed

Во времето кога дигиталните апарати се уште не беа измислени и кога сите фотографиравме со филм, главните „фраери/ки“ имаа Polaroid камери кои фотките ги печатеа инстантно и за кои немаше потреба да одите во фото студио.

Impossible Project е нова компанија, која ја користи технологијата на Polaroid за да ја лансира својата прва камера, која директно ги развива вашите фотографии, а има можност и да се поврзе со iPhone. И не, поврзувањето со паметниот телефон не е за да можете да ги искористите фотографиите на социјалните мрежи – овие слики се наменети исклучиво за архивско чување во фото албуми и смартфонот ќе се користи само за постигнување на некои дополнителни ефекти, како мануелни контроли и можност за двојна експозиција (фотографирање две слики на еден филм).

i-1-reverse

Нивната прва камера I-1 има прилично оригинален дизајн, со пирамидална форма во горниот дел која е различна од онаа на Polaroid камерите од минатото, но потсетува на некои фото апарати од почетокот на 20-тиот век. На објективот пак има 10 LED диоди – 8 бели, една црвена и една сина, кои заедно постигнуваат природна осветленост. Се работи за голема камера, која сигурно ќе ја забележи секој што ќе ве види како фотографирате, што секако треба да се има на ум.

Правењето на ваква камера е прилично сложено, а тоа особено важи за развивањето на фотографиите. Да, I-1 не ги печати фотографиите, туку користи специјален фото филм на кој му требаат неколку минути за целосно да се развие и да ја прикаже финалната слика, исто како кај Polaroid апаратите од времето.

i-1 cutaway f

Impossible Project ќе пушти црно бели и фото филмови во боја кои ќе чинат 24 долари за пакување од само 8 фото филмови. Ова делува особено скапо ако се знае дека корисникот реално и нема да смее да згреши – она што ќе го фотографирате директно ќе се појави на хартијата. А, да, предните LED бели диоди означуваат уште колку хартија има во апаратот, како да е тешко да се изброи до 8… Цената на камерата пак изнесува 300 долари, што реално не е многу, но главните трошоци тука настапуваат покасно…

13217352_10154849896037782_5657418638460048847_o

Сето ова делува како веќе застарено и непотребно, но оние кои фотографирале со Polaroid камера (како на пример јас), знаат дека има нешто магично во целиот процес – од самото фотографирање, до добивањето на фотографиите. Тука и самите фотографии имаат посебен „шмек“, кој многу апликации како Instagram се обидуваат да го доловат, но верувајте, вистинската магија може да се види само на фото хартијата од Polaroid. За оние кои сакаат да ја почувствуваат, Impossible Project е засега веројатно единственото решение.

Извор: Wired, Engadget, Tech Insider

Претходна статијаSunrise календар апликацијата престанува со работа на 31-ви август
Следна статијаGoogle со патент за бионичко око