Преносните mp3 музички плеери беа вистински хит пред 10-15 години, но еден секогаш се истакнуваше повеќе од другите – iPod на Apple. Всушност, слободно може да се каже дека токму овој уред ја врати компанијата на пазарот и на радарот на купувачите, во време кога доминантен на пазарот беше Sony со DiscMan и Microsoft со Windows кај компјутерите.

После долго време опстојување на пазарот, Apple конечно ги згаснува своите музички mp3 плеери, iPod Nano и iPod Shuffle, кои во последно време се продаваа повеќе благодарение на носталгија кај купувачите – смартфоните целосно ги преземаа нивните функционалности.

Apple сепак ќе продолжи да го продава iPod Touch, но тој е повеќе своевиден паметен преносен уред кој има се што има еден смартфон (како на пример целосен iOS оперативен систем), но без можност за телефонија.

iPod Nano и iPod Shuffle инаку се прилично стандардни музички плеери, кои во текот на времето и не се збогатија со други функции, што особено важи за Shuffle, кој нема ниту дисплеј на него. Ова драматично ја намали нивната популарност – последниве неколку години покрај носталгичните купувачи, ги купуваа само фитнес ентузијастите, на кои носењето на голем смартфон знае да им претставува проблем.

Како и да е, ова се сега производи кои носат многу мал обрт на компанијата и нивното гасење се очекуваше веќе подолго време.

Извор: PhoneDog, The Verge, BBC

Претходна статијаSamsung го надмина Intel како најголем производител на чипови
Следна статијаHuawei го најавува Mate 10 како супериорен конкурент на iPhone 8 и Galaxy Note 8