Кинескиот Xiaomi е прилично импресивен во настапот на пазарот на смартфони, со своите брзи, одлично изработени и евтини уреди, но сега тие сакаат да земат поголем дел од колачот и кај лаптопите. За таа цел тие спремија професионален лаптоп со Windows 10, кој директно ќе се натпреварува со Apple MacBook Pro и Windows 10 лаптопите од високата ултрабук класа и кој како и неговите смартфон браќа, повторно ќе има супер конкурентна цена.

Xiaomi Mi Notebook Pro има дисплеј со големина од 15,6 инчи и Full HD резолуција, придружен од многу мали рамки од страните, што ја прави целосната големина на лаптопот помала. Во внатрешноста тој може да се купи со Core i5 или Core i7 процесори со 4 јадра, што значи помоќните изведби, помогнати од 8 или 16 GB рам, а за оние кои работат со видео или сакаат да поиграат и некоја игра на својот лаптоп, во внатрешноста ќе се вградува и новиот Nvidia’s Geforce MX 150 графички чип, кој треба да е четири пати помоќен од класичната Intel графика која доаѓа со самиот процесор.

Mi Notebook Pro има и прилично голем број на приклучоци, за разлика од MacBook Pro на пример. Достапни се две USB Type-C порти, две обични USB порти, читач за картичка и HDMI излез, што значи дека за овој лаптоп нема да ви требаат безброј адаптери за да ги приклучите сите свои надворешни уреди.

И сето ова е вградено во тело целосно изработено од алуминиум, кое неодоливо потсетува на некои од конкурентите (како MacBook Pro и Dell XPS 13), но тоа нема да го земеме како недостаток, бидејќи цената на основниот модел со Core i5 процесор изнесува само 980 долари во Кина, што е двојно помалку од MacBook Pro на пример. Нормално, во таа цена е вклучен и вграден Windows 10 оперативен систем.

Извор: The Next Web, TechCrunch, The Verge

Претходна статијаXiaomi Mi Mix 2 е најдобриот смартфон за 420 евра
Следна статијаНовиот iPhone ќе креира 3Д емоџи икони според изразот на лицето на корисникот