oculus-rift-8

Досега, беше возможно да се поврзат очила за виртуелна реалност со Windows оперативен систем, но истиот ги препознаваше само како монитори, што значи дека виртуелното искуство не беше целосно, односно не беа опфатени движењата во таа реалност.

Бидејќи ќе биде оперативен систем за буквално сите уреди што можеме да ги замислиме, Windows 10 уште во старт ќе поддржува уреди за виртуелна реалност, меѓу кои се Oculus Rift (кој има партнерство со Microsoft), Steam VR и очилата на Microsoft за изменета реалност, HoloLens.

Оваа вест секако не е изненадување, особено дека многу од конкурентните софтвери веќе поддржуваат уреди за виртуелна реалност, како на пример Android. Сепак, адутот на Windows 10 е што ќе го има во многу различни уреди, како на пример компјутери, лаптопи и дури и играчката конзола Xbox One, што е привлечно за дивелоперите, бидејќи вака бројот на корисниците е многу поголем.

За таа цел, во самиот оперативен систем ќе бидат вградени драјвери со кои ќе можат да работат овие уреди. Драјверот ќе се грижи и за движењето низ виртуелната реалност, кое корисникот го прави само со движење на главата. Поддршка за овие движења треба да има и за уредите со камери за следење на движењето, како и за уредите со ласерско следење.

Windows 10 треба да пристигне во конечната форма на 29 Јули годинава, кога ќе можеме да ги видиме сите можности и подобрувања.

Извор: Windows Central

Претходна статијаOnePlus 2 ќе доаѓа со USB Type-C порта
Следна статијаGmail „Undo Send“ функцијата достапна за сите корисници