qualcomm-snapdragon-830-580x358-copy

Qualcomm веќе го претстави новиот Snapdragon 835 чип, кој ќе биде нивниот знаменосец за 2017 година. Сепак, тие ги скрија скоро сите детали и официјално се знае само дека ќе биде изработен од Samsung и ќе има транзистори со големина од 10 nm. Нормално, останатите информации веќе протекоа на интернет мрежата и сега имаме многу појасна слика за еден од најмоќните чипови кои ќе бидат на пазарот наредната година.

Snapdragon 835 повторно ќе биде базиран на Kryo 200 архитектурата на Qualcomm, на која е базиран и Snapdragon 820. Новиот процесор сепак ќе има двојно повеќе јадра, односно четири моќни и четири штедливи. Заедно со поголемиот број на транзистори, ова би можело да донесе значителни подобрувања во перформансите, особено што денес се поголем дел на Android апликации се оптимизирани за работа со повеќе јадра.

Новиот чип ќе може да функционира со LPDDR4X-1866 рам меморија, која е многу побрза, како и со супер брзи UFS2.1 флеш дискови за зачувување податоци.

Новата графика Adreno 540 исто така ќе донесе големи подобрувања во однос на 530-ката, а нов ќе биде и модемот X16, кој ќе овозможи исклучително високи брзини на трансфер преку 4G мрежата до 1 Gbps за симнување.

Покрај Snapdragon 835, идната година Qualcomm ќе го претстави и Snapdragon 660. Овој процесор ќе биде наследник на 652-ката и ќе биде наменет за уредите од средно – високата класа. Тој ќе има четири јадра на 2,2 GHz и четири на 1,9 GHz и исто така ќе поддржува LPDDR4X-1866 рам меморија и UFS2.1 флеш дискови. Графиката кај овој чип ќе биде малку послаба, односно Adreno 512, додека модемот ќе биде X10 и ќе има малку побавни 4G брзини. Snapdragon 660 ќе биде изработен со транзистори од 14 nm, исто така од Samsung.

Овие два чипови ќе бидат предводници на понудата на Qualcomm наредната година и очекувајте да ги видите во многу нови смартфони од сите поголеми производители. Еден од првите телефони кој ќе доаѓа со вградена 835-ка е Samsung Galaxy S8.

Извор: Android Authority, Digital Trends, The Inquirer

Претходна статијаXiaomi го најави своето прво учество на CES 2017
Следна статијаДве кинески компании ќе го претворат Чернобил во голема соларна електрана