Моделот Satellite P55t има фантастичен 15.6 инчен екран со 4K Ultra HD (3,840 × 2,160) резолуција. Овој нов дисплеј е прв на пазарот со вистинска 4К резолуција и се одликува со поширок агол на гледање и попрецизна боја. Интересна спецификација е и Technicolor сертификатот кој доаѓа заедно со софтверот Chroma Tune со кој се овозможува природно и точно прилагодување на бои за различни апликации. Од Toshiba се надеваат дека оваа карактеристика ќе биде привлечна за креативците, посебно оние кои се занимаваат со дигитални видеа и графика. Дополнително е вклучена и копија на Adobe Photoshop Lightroom 5 за да се таргетираат фотографите и дизајнерите да го користат P55t.
Освен одличниот дисплеј, 4K Satellite P55t има и многу друго што да понуди. Тој доаѓа со четвртата генерација Intel quad-core i7 процесор, AMD Radeon R9 M265X графичка картичка, 1TB хард диск, до 16 GB RAM и опционално Blu-ray drive. Вградени се и Harman Kardon звучници на кои може да се слуша музика дури и кога лаптопот е исклучен.
Продажбата на 4K Satellite P55t ќе започне на 22-ри април на веб страната на Toshiba со почетна цена од 1.500 долари. За разлика од другите 4К лаптопи достапни на пазарот, Satellite P55t има најниска цена и од Toshiba се надеваат дека заинтересираноста ќе биде голема.