Додека Galaxy Note линијата на смартфони на Samsung е на своевиден „одмор“, други уреди ја преземаат можноста за цртање со популарното S Pen пенкалце. Сега Samsung лансира моќен, но тенок и лесен лаптоп, кој има вградено S Pen пенкалце, кое како и кај сите други Windows 10 машини, може да се користи за земање забелешки, цртање итн.

Пенкалцето е исклучително моќно – препознава 4.000 нивоа на притисок, што значи дека ќе биде погодно и за оние кои професионално ќе го користат за цртежи и сл. и најдобро од се, се сместува во куќиштето на лаптопот.

Самиот лаптоп исто така може да се пофали со високи перформанси – има 13,3 инчен и 15 инчен модел со Full HD резолуција, Core i5 или Core i7 процесори од најновата генерација, 8 GB рам за помалиот, 16 GB рам за поголемиот модел и 256 GB SSD диск.

Помоќниот модел дури има и Radeon 450 графика, која би требало да овозможи малку подобри перформанси во графички интензивните задачи.

И двата модели имаат Windows Hello предна камера, која го отклучува лаптопот веднаш откако ќе го види сопственикот.

За разлика од своите претходници, Notebook 9 Pro сега е „2 во 1“ модел, со дисплеј кој може да се сврти за 360 степени за користење како таблет. Изработката на самиот лаптоп е од алуминиум, како и кај претходниците, а за разлика од многу конкуренти, Notebook 9 Pro е опремен и со мноштво порти.

Така, има USB Type-C порта преку која и се полни лаптопот (со поддршка за брзо полнење), две стандардни USB 3.0 порти, HDMI порта и слот за micro SD картичка. Добро, факт е дека има лаптопи кои имаат повеќе приклучоци, но за ултрабук ова е прилично многу.

Засега не е позната цената на Notebook 9 Pro и кога точно ќе биде достапен, но претпоставка е дека ќе може да го купите на крајот од летото со цена која е компетитивна на повеќето лаптоп/таблет уреди од високата класа.

Извор: The Verge, CNET, Pocket-lint

Претходна статијаНа Weekend Media Festival во Ровињ конечно откриваме што сакаат жените
Следна статијаMoto Z2 Play – повторно модуларен, повторно одличен избор од средната класа