6e8f5e51fd6dd7d6ad30bb6b8fe6a7cd_large

Сите ние сме научени на стандардното користење на компјутерите преку притискање на копчиња на тастатурата и кликање и влечење работи со маусот. Начинот на работа со овие два додатоци на нашите компјутери е многу едноставен, но ист за секој корисник.

Според развивачите на Palette проектот ова е нешто што не треба и не мора да биде така. Секој човек е уникатен и работите ги извршува на за него карактеристичен начин, па колку и да се слични тие различни начини, сепак се разликуваат од човек до човек. Зошто тогаш сите ние мора да работиме на уреди кои што се исти за сите нас ?

Palette е систем составен од мали модули кои што се приклучуваат едни со други на едноставен начин, слично на лего коцки и при тоа формирајќи најразлични форми. Секој од модулите има посебна физичка контрола за внес на команди, како копче на притискање, копче на вртење и копче на лизгање. Секој корисник може да ги приклучи овие модули на начин како што на него му одговара и смета дека ќе му биде најкорисно.

Намената на овој систем, односно на модулите е преку нив да контролирате одредени функции и команди на програмите на компјутерот, нешто што обично би го правеле преку тастатурата или кликање со маусот. Поточно преку Palette можете да направите систем за контрола на повеќе програми, како Adobe Photoshop, Illustrator, Premiere, Lightroom или можеби Skype, DJ софтвер, игри и многу други работи.

98dc40b690997fb972e97f2eeede9741_large

2a08ecd2c5e002119f4eb93ab6b57a07_large

Palette функционира на тој начин што преку сопствена програма која што ја инсталирате на компјутерот можете да назначувате различни достапни команди за секоја од споменатите програми. Така доколку сте дизајнер кој што работи со Photoshop, можете да наместите да преку овие модули го контролирате степенот на зголемување (zoom) на објектот на кој што работите, големината на четката или било која друга алатка, како и било кои други команди кои што обично би ги правеле преку кратенки на тастатурата или преку кликање со маусот. Најразлични комбинации се можни за било која од програмите со која што работите на компјутерот.

9d653af0fa008c13464f75bd4abc7b3d_large

Palette е претставен како проект на Kickstarter каде што веќе има собрано повеќе од бараните средства за започнување на производство. Ќе биде поддржан на сите оперативни системи кои што денеска најмногу се користат, односно на Windows, Linux и OS X.

Доаѓа во неколку верзии, односно различни цени кои што зависат од бројот на модули кои што корисникот ќе сака да ги има во системот. Така, основниот модел доаѓа со по 1 модул од сите достапни и чини 99 долари, додека најјакиот модел чини 399 долари и доаѓа со 4 копчиња на стискање, 5 копчиња на вртење и 6 копчиња на лизгање.

Во продолжение погледнете го демо видеото на кое што е претставен Palette модуларниот систем.

Претходна статијаThe Dash, првите паметни слушалки
Следна статијаWindows апликации на Chromebook преку соработка на Google и Vmware
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.