Минатата година, Microsoft ни ја соопшти веројатно најважната вест откако беше лансиран Windows 10, а тоа е дека ќе работи на ARM процесори и за разлика од минатите обиди, тоа ќе биде целосна верзија на оперативниот систем, на која ќе може да се инсталираат сите класични апликации и програми. Сега тие ги претставија првите два уреди со Snapdragon 835 процесор, базиран на ARM архитектурата, во соработка со HP и Asus.

Заедничко за сите лаптопи, таблет/лаптоп и таблет уреди со Windows 10 и ARM ќе биде тоа што ќе имаат многу подолго траење на батеријата, благодарение на штедливиот процесор кој исто така се вградува и во смартфоните од високата класа, но и дека ќе бидат потенки и ќе бидат поврзани цело време, благодарение на LTE (4G) конекцијата.

Поточно, сега на Windows 10 ќе слушате нотификации дури и ако лаптопот е затворен и откако ќе го отворите, ќе може инстантно да продолжите со работа, исто како кога отклучувате смартфон. Единствен недостаток, ако може така да се каже, е што овие уреди доаѓаат со Windows 10 S, на кој може да се инсталираат само апликации од Windows Store, но за среќа надградбата на Windows 10 Pro е бесплатна за сите корисници.

Ова се навистина импресивни карактеристики, кои долго време ги чекавме во еден лаптоп, но останува да видиме како Snapdragon 835 чипот ќе се снајде со цел Windows 10 оперативен систем, а споредено со Core серијата на процесори на Intel. Snapdragon 835 би можел да има потешкотии со големите Windows програми, особено што тие работат на него преку емулација, процес кој одзема од флуидноста во работата на програмата. Microsoft ветува дека перформансите ќе бидат и повеќе од добри, но јас ќе почекам да проверам лице во лице со овие лаптопи.

Уредите кои Microsoft ги лансира со HP и Asus се интересни, од едноставна причина што се супер тенки и имаат многу долго траење на батеријата. Asus Nova Go е на пример класичен лаптоп со дисплеј со големина од 13,3 инчи и HD резолуција, кој може да се сврти за 360 степени.

Тој има батерија која трае фантастични 20 часови со едно полнење, односно може да издржи дури 30 денови во стендбај, што за Windows лаптоп е навистина импресивно. Nova Go има и HDMI излез, две USB 3.1 порти, читач за micro SD картичка и дури и поддршка за дигитално пенкалце. Тој ќе биде понуден во верзија со 4 GB рам и 64 GB простор за 599 долари, односно 8 GB рам и 256 GB простор за 799 долари. Сите модели ќе имаат можност за поврзување на 4G мрежа.

HP Envy x2 пак е класичен таблет со додатна тастатура, кој исто така има Snapdragon 835 процесор со 8 GB рам и 256 GB простор. Таблетот е импресивно тенок – само 6,9 милиметри и тежи неверојатно ниски 680 грама, што е исклучително малку за дисплеј со големина од 12,3 инчи со предни стерео звучници. Envy x2 исто така трае 20 часа со едно полнење, има поддршка за дигитално пенкалце и поддржува Windows Hello препознавање на лицето за лесно отклучување. Неговата цена засега не е позната, но очекувам да биде слична на онаа на Asus Nova Go.

Според сето ова, првите Windows 10 уреди со ARM процесор не се достапни како што очекувавме – за истите пари може да се купи добар Windows уред и со Intel Core i5 процесор, но нивните уникатни карактеристики сигурно ќе го најдат патот до голем број на купувачи, кои сакаат лесно и мобилно решение.

Извор: The Verge, Tech Crunch, Windows Central

Претходна статијаAirbnb сега овозможува поделба на плаќањето помеѓу пријателите
Следна статијаQualcomm го претстави Snapdragon 845, ќе овозможи снимање 4K видео со HDR