Snapdragon-Chip-with-logo

По проблемите со загревањето и големиот пад во перформансите кои Qualcomm го има со нивниот најнов и најдобар процесор, Snapdragon 810, најголемиот производител на чипови за мобилните телефони ќе се обиде делумно да ја закрпи ситуацијата со подобрени процесори од средната класа, кои ќе имаат многу елементи преземени од процесорите од класата 800.

Особено голем напредок ќе биде забележан во 600 серијата, која сега ќе се состои од целосно новите ARM Cortex A-72 јадра, заедно со Cortex A-53, за вкупно осум, во big.LITTLE конфигурација. Процесорот е 64-битен и ќе може да користи над 4 гигабајти рам меморија, што го прави подготвен за иднината. Ќе бидат понудени два модели од оваа класа и тоа Snapdragon 620 (8 јадра) и Snapdragon 618 (6 јадра).

И двата процесори ќе можат да продуцираат, односно да снимаат Ultra HD (4K) видео со резолуција од 3840х2160 пиксели, ќе можат да сликаат со две камери со максимум 13 мегапиксели, со цел постигнување на ефект на длабочина на фотографијата (како кај HTC One M8), ќе имаат поддршка за побрз Wi-Fi трансфер, како и подобрен гејминг со новата Adreno 405 графика и можност за употреба на новиот HVEC кодек за видеа. Покрај тоа, во нив ќе се вградува новиот X8 LTE модем за највисоки 4G брзини, како и можност за ултра брзо полнење на батеријата преку Qualcomm QuickCharge 2.0.

Подобрувања ќе има и во поевтината Snapdragon 400 серија, која сега ќе има 8 работни јадра и кај двата модели (Snapdragon 415 и 425), но тука нема да се употребат новите Cortex A-72 јадра. Кај посилниот модел ќе биде вграден новиот X8 модем за највисоки брзини на трансфер, додека кај послабиот модел ќе се вградува X5 модемот, што се чини е единствената разлика меѓу двата модели.

Првите примероци на Snapdragon 415 би можеле да ги видиме уште летово во некои од новите телефони од средната класа, додека Snapdragon 425, 618 и 620 ќе пристигнат на пазарот во втората половина на оваа година и би се вградувале во телефоните од средната кон високата класа.

Извор: Android Central

Претходна статијаJohnathan Nightingale, главниот во Mozilla за Firefox ја напушта својата позиција
Следна статијаHTTP/2 стандардот одобрен, треба да донесе побрз и посигурен веб простор