Марк Гурман го најавува првиот редизајн на Mac mini уште од 2010 година, кога Apple се’ уште беше под водство на Стив Џобс. Редизајнот ќе го направи новиот Mac mini најмалиот компјутер од компанијата досега.
За тоа колку големо намалување е во најава се прави споредба со Apple TV уредот, кој е доста мал. Тоа значи дека Mac mini ќе биде дупло, па и повеќе од тоа намален од сегашните димензии.
Се најавува и мало зголемување на висината на уредот, што може да се каже дека е очекувано со оглед на доста големото намалување на останатите димензии.
Секако, причината поради која Apple може да ги направи овие промени е користењето на нивните М чипови, а новиот Mac mini ќе дојде со М4 чипот.
Според најавите, можни се две верзии од Mac mini, па покрај основната со М4, корисниците изгледа ќе добијат и М4 Pro верзија која ќе биде наменета за тие кои сепак имаат потреба од поголемата моќ, како што е случајот сега со ланскот М2 модел.
Основната верзија може да се спореди со перформансите на iPad Pro, уред каде за првпат беше вграден новиот М4 чип, секако со мала предност поради различната можност за ладење на Mac mini.
Претставувањето на новиот Mac mini се најавува за до крајот на годината, па со оглед дека оваа информација доаѓа од Марк Гурман, мислам дека мали се шансите да не се оствари.