CES+2016_18+inch+Rollable+OLED

Вториот по големина производител на најразлични уреди од Јужна Кореја, LG, се чини ја презема водечката палка за иновативни дисплеи и OLED технологија од до неодамна неприкосновениот Samsung – тие сега имаат OLED дисплеј кој може да се витка како весник, тенок е колку хартија и е скоро спремен за производство.

Дисплејот инаку мери 18 инчи во дијагонала и има резолуција од 1200х810 пиксели, што е малку, но со оглед на тоа дека се работи за дисплеј тенок само 1 милиметар, ова секако може да се прости. Дисплејот може без проблем и да се превитка – многу погодно за да може да се стави околу кружни или искривени објекти, како на пример на столбовите во продавниците, или пак како ретро таблет за постарата генерација, кој може да се свитка како весник… Ова се само некои идеи, но можностите се неограничени.

lg-display-6

Покрај овој иновативен OLED дисплеј, LG ги претстави и првите телевизори со HDR функција, односно можност за висок динамички опсег, што би требало дополнително да ја подобри острината и контрастот на сликата. Телевизорите доаѓаат во големина од 65 и 77 инчи и секако имаат Ultra HD резолуција од 3840х2160 пиксели.

Новитетите на LG беа придружени и од транспарентен OLED дисплеј, кој исто така може да најде многу различни намени, а кој веќе беше претставен минатата година, специјален дисплеј за ентериер на автомобил со конвексна и конкавна искривеност, 98 инчен 8K дисплеј (7680х4320 пиксели резолуција!), екстремно искривен гејминг дисплеј, во кој кога ќе влезете се чувствувате буквално како да сте во играта, двостран OLED дисплеј, како и 2,3 милиметри тенок дисплеј кој е вградлив во ѕид. Сите нив можете да ги погледнете во галеријата подолу.

Она што најмногу радува е што сите овие новитети се многу блиску до производство – нив може да ги видиме во наредните неколку години, вградени во сето наше опкружување. Како во Sci-Fi филмовите – дисплеи насекаде. Дефинитивно, ние вљубениците во технологијата живееме во златното доба!

Извор: The Verge, Engadget, PC World

Претходна статијаXiaomi Redmi 3 има метално тело, високи перформанси и масивна батерија за само 107 долари!
Следна статијаДенес завршува поддршката за Internet Explorer 8, 9 и 10, како и Windows 8