Baidu е кинеска компанија која што работи со интернет сервиси меѓу кои што најголемиот е интернет пребарувачот кој што има повеќе од 50% од пазарот во Кина. Често нарекуван и кинескиот Google, Baidu е еден од најпознатите интернет пребарувачи во светот.
Оваа компанија оваа недела претстави паметен велосипед кој што треба да им биде достапен на кинеските корисници во периодот што следи, а глобалната достапност моментално сепак не е најавена. Паметниот велосипед е наречен Dubike и во основа претставува велосипед со вградени сензори и можност за поврзување со некој од паметните телефони. Како и да е, не вклучува електромотор кој што би им помогнал на корисниците при потешките нагорници или слични ситуации.
Dubike ќе биде опремен со сензор за пулс, брзината на вртење на педалите, притисок на притискање на педалите и слични сензори кои што своите информации ќе ги испраќаат и синхронизираат со апликација на паметен телефон преку Bluetooth. Велосипедот исто така ќе вклучува и вградени сијалички на предната и задната страна, па корисниците нема да треба посебно да ги купуваат, што е логично за ваков производ. На воланот ќе бидат поставени две сијалички кои што ќе служат за покажување на правецот во кој што треба да се движите при користење на навигација.
Сите сензори и сијалички ќе работат на батерија вградена во велосипедот која што ќе се полни од кинетичката енергија при негово возење, а ќе може да се користи и за поврзување и полнење на вашиот телефон додека возите.
Можеби овој велосипед нема да биде достапен во нашата земја, но покажува интересен концепт за тоа што може да очекуваме на пазарот во периодот што следи. Велосипедите не мора да бидат електрични или обични, па може би било интересно и корисно да почнеме да гледаме на пазарот вакви велосипеди кои што се само појачени со денеска лесно достапните сензори.