DSC02747-980x653

Најпознатиот производител на процесори за десктоп и лаптоп компјутери, Intel, претходната година се проба во водите на минијатурните компјутери, со малиот Compute Stick, кој преку HDMI може да се поврзе со голем дисплеј. Годинава, на CES во Лас Вегас, тие претставија нов модел, кој донесува USB 3.0 приклучок, но многу поважно, помоќни процесори.

Почетниот модел и натаму ќе биде опремен со Intel Atom чипови, но овој пат од Cherry Trail серијата, која носи значителни подобрувања кај процесорот, а особено во вградената графика, која сега може подобро да се справи и со дисплеите со повисоки резолуции.

Како и досега, малиот стик со Atom процесор е опремен со мало кулерче за ладење на процесорот, 2 GB рам меморија, 32 GB простор за складирање податоци, два USB приклучоци – еден 2.0 и еден 3.0 и слот за micro SD картичка. Покрај новиот чип, мини стикчето на Intel сега е опремено со Intel Wi-Fi и Bluetooth антена, која треба да донесе многу подобар сигнал.

DSC02765-980x653

Во превод, не очекувајте да го користите за сериозна работа – сурфање на интернет и користење на модерните Windows 10 апликации се максимумот што може да го постигне, освен ако не сакате да чекате подолго време за да се изврши зададената команда.

За оние што сакаат подобри перформанси, тука се Core M моделите. Овој процесор на Intel е прилично помоќен од Atom, но и натаму може да се смести во прилично мали куќишта. Чипот е 64 битен и во оваа конфигурација доаѓа со 4 GB рам меморија, а без проблем може да се приклучи на Ultra HD дисплеј и да пушти целосна резолуција, иако со малку послаби 30 Hz освежување на сликата.

Овој модел се приклучува на дополнителен адаптер, а е исто така опремен со два USB приклучоци, но тука и двата се на 3.0 стандардот. За напојување се користи USB Type-C, за разлика од micro USB приклучокот на послабиот модел, а вклучен е и читач за micro SD картичка.

DSC02748-980x653

Цените на Intel Compute Stick многу зависат од тоа каков оперативен систем ќе биде вклучен – има верзија со Windows 10 и Ubuntu. Според првите информации, цената на основната Atom верзија со Windows 10 ќе чини 159 долари, онаа со Core m3 околу 400, додека онаа со моќен Core m5 процесор околу 500 долари.

Извор: CNET, AnandTech, ARSTechnica

Претходна статијаCarl Zeiss има паметни очила кои навистина ќе посакате да ги носите
Следна статијаRemix OS ќе ви овозможи Android како десктоп оперативен систем на било кој компјутер