intel-kaby-lake

Една година по лансирањето на Skylake чиповите, Intel ги претставува новите Kaby Lake, кои треба да донесат благо подобрување во перформансите, а ќе бидат особено подобри при репродукцијата на 4K видео.

Многу од вас кои имаат понов Intel чип веднаш ќе кажете дека и вашиот процесор може без проблем да продуцира 4K видео и ќе бидете во право. Сепак, новитет кај Kaby Lake е што ќе можат да продуцираат 4K видео со помала потрошувачка на енергија, а ќе поддржуваат и многу понови кодеци кои ќе се користат кај овој тип на видеа.

На пример, новиот Core i7-7500U процесор наменет за лаптопите, ќе може да продуцира 4K видео со константна потрошувачка на енергија од само 0,5 вати при 5% искористеност на процесорот, за разлика од 10,2 вати и 60-70% искористеност на Skylake претходникот. Исти подобрувања ќе има и при гледање на YouTube видеа, што значи дека лаптопите со овие процесори ќе траат многу повеќе со едно полнење, особено ако на нив често гледате видеа.

intel-kaby-lake-1

Сето ова е овозможено со подобрувањата во вградената графика на новите Kaby Lake чипови, која ќе помогне и при повисоките перформанси на потешките 3D игри. Секако, не треба да очекувате перформанси на нивото на дедицирана графичка картичка, но според Intel нивните нови чипови сега ќе овозможат мазно играње на Overwatch.

Големи подобрувања на процесорската страна сепак нема да има, бидејќи Kaby Lake и натаму ќе имаат големина на транзисторите од 14 nm – преминувањето кон 10 nm ќе се случи наредната година, кога треба да се очекува поголем скок во перформансите. Со оваа генерација, очекувајте околу 18-19% подобрување споредено со еквивалентниот процесор од Skylake генерацијата, особено при секојдневните задачи, како сурфање на интернет и сл.

Новите Kaby Lake чипови треба многу скоро да пристигнат во нови лаптопи со Windows 10 во Септември, како и во нови серии на MacBook на Apple. Чиповите ќе бидат поделени во две серии – ултра штедлива “Y” серија од 4,5 вати (1-1,3 Ghz, 2,6-3,6 Ghz со Boost) наменета за тенките „2 во 1“ таблети и лаптопи и “U” серија наменета за помоќните лаптопи(2,4-2,7 Ghz, 3,1-3,5 Ghz со Boost). Интересно, “Y” серијата скоро целосно ќе ја замени досегашната “Core m” серија, поточно Core m5 и m7 процесорите. Core m3 и натаму ќе се нуди во основните модели на уредите.

Процесорите наменети за десктоп компјутерите од Kaby Lake генерацијата пак се очекува да пристигнат во Јануари, што значи дека имате уште некој месец да соберете пари за вашиот нов гејмерски систем.

Извор: Engadget, Gizmodo, The Verge

Претходна статијаNuTonomy први со автономни возила, во Сингапур
Следна статијаSamsung го претстави Galaxy Gear 3