12.0

Пребарувачкиот гигант дефинитивно е гига – по лансирањето на првата интернет мрежа со брзина од 1 гигабит во САД, сега лансира и специјална камера со фантастична резолуција од 1 гигапиксел, наменета за фотографирање на уметничките слики во музеите и не, нема да можете да си ја купите за вас.

Оваа камера може со невидено многу детали да ги зачува скапите слики во дигитален формат – на компјутер ќе може буквално да се види како секое влакненце од четката поминало по платното. Импресивно, особено за оние кои сакаат потоа детално да ги проверуваат уметничките дела дали се оригинални или се копија.

Камерата инаку  функционира така што фотографира макро слики одблизу на делчиња од фотографијата, поточно на секој квадратен инч и после секоја фотографија, автоматски се поместува кон друг дел на сликата. На крај, сите мали макро фотографии од уметничката слика се спојуваат на сервери на Google и корисниците го имаат финалниот производ за околу три часа.

Фотографирањето на една уметничка слика со оваа камера инаку трае само 30 минути доколку таа има големина од 1х1 метар, што е навистина импресивно – досега овие процеси траеле по цел ден. Art Camera досега е искористена за многу уметнички дела од најразлични уметници како Моне, О’Киф и Ван Гог. Фотографиите може да се видат на специјален сајт на Google, наречен Google Cultural Institute.

Камерата е инаку бесплатна за користење за сите музеи во светот, со тоа што потоа корисниците ќе мора да се сложат Google да ги објави фотографиите на својот веб сајт. Досега Google Cultural Institute ја има позајмено камерата на организации од Бразил, Индија, Хонг Конг итн.

Извор: The Verge, Google Blog, Digital Trends

Претходна статијаMSI лансира нова X99A матична плоча со моќни спецификации и преден USB Type-C приклучок
Следна статијаНов модел изгледа го потврдува Хокинг – црните дупки зрачат информација