Јапонскиот производител на електронски уреди – Fujitsu денес го претстави LIFEBOOK TH90/P, нов конвертибилен Ultrabook од својата FMV линија на производи. Исто така, од компанијата најавија и нова GRANNOTE линија на лаптопи која ќе биде првенствено наменета за постарите генерации.

LBTH90P

LIFEBOOK TH90/P е дизајниран за издржливост, доаѓа во алуминиумска конструкција со Dragontrail заштита за екранот која го прави отпорен на удар и гребење. Панелот користи  IGZO технологија, има резолуција на приказ од 2560 x 1440 пиксели и е со големина од 13.3 инчи. Истиот е осетлив на допир и има 1024 степени на притисок така што може да го користите за цртање и пишување, а притоа да имате чувство како тоа да го правите на хартија.

Останатите позначајни карактеристики вклучуваат Intel Core i5-4200U процесор, хибриден хард диск со капацитет од 500 гигабајти и батерија со висок капацитет која ќе овозможи до 12.5 часа интензивно користење. Конвертибилниот дизајн овозможува слободно ротирање на дисплејот, а со тоа и четири режими на користење: Laptop Mode, Tablet Mode, Presentation Mode и Theater Mode.

LBAH90P

Новата GRANNOTE линија на лаптопи на почеток ќе биде достапна ексклузивно во Јапонија и е фокусирана кон постари корисници на возраст од околу 60 години. Првиот лаптоп од оваа линија ќе ја носи ознаката LIFEBOOK AH90/P, а ќе биде достапен во продажба од 13-ти февруари.

GRANNOTE брендот е изграден околу концептот на компјутер кој ќе се вклопи во животниот стил на постарите граѓани кои преферираат софистициран дизајн и едноставна употреба. LIFEBOOK AH90/P моделот се карактеризира со „чист“ дизајн, осветлена тастатура со лесно читливи ознаки на копчињата и јасен екран со „живи“ бои кој автоматски ќе се прилагодува според амбиенталното осветлување. Сопствениците на овој лаптоп ќе имаат специјален пристап до избрана листа на интернет сервиси и бесплатна линија за техничка поддршка со цел безгрижно користење.

Хардверските спецификации на лаптопот вклучуваат Intel Core i7-4500U процесор, хард диск со капацитет од 1 терабајт, 8 гигабајти меморија и читач на Blu-Ray дискови.

Претходна статијаApple доби тужба за прекршување на патентирана технологија во A7 процесорот
Следна статијаMicrosoft ќе користи податоци од Foursquare во нивните производи