Новиот Mac mini, кој беше претставен на крајот од минатиот месец, може да се каже дека беше главниот уред во неделата на нови Mac компјутери, како што ја нарекоа од Apple.
Главната новина, покрај одличните нови M4 и M4 Pro чипови, како и основна меморија од 16GB, беше намалувањето на димензиите на компјутерот. Тој сега навистина може да се каже дека е мини компјутер, а е за нешто повеќе од дупло помал од претходните генерации.
Една новина која дојде со новиот дизајн привлече доста вниманието, во главно негативно, а тоа е одлуката на Apple да го постави копчето за вклучување на долната страна од уредот. Истото досега беше поставено на задната страна.
Во разговор за IThome, познатите Грег Џозвиак, главниот на маркетинг, како и Џон Тернус, задолжен за инженеринг на хардверот, го коментираат копчето кај новиот Mac mini.
Покрај тоа што ја истакнуваат доста малата големина на новиот уред, тие кажаа и една работа која повеќето корисници на Mac веќе ја кажаа кога беа коментарите против позицијата на копчето.
Во основа, корисниците обично ги ставаат нивните Mac компјутери во состојба на „спиење“, односно „sleep“, па скоро никогаш не ги исклучуваат. Исклучувањето на Mac е нешто што можеби се прави неколку пати во годината, па копчето за вклучување е нешто што многу ретко се користи.
Дали ова како објаснување е доволно, не знам, но едно е сигурно, поставеноста на копчето сигурно не треба да биде фактор при одлуката за купување на овој нов одличен компјутер.
Интересно е што на интернет веќе се појавија неколку „хакови“, односно решенија за полесно притискање на копчето со пластични додатоци и слично.