macbook-kb-590x330

Она што најмногу ни недостасува кога пишуваме на тастатура на допир, како на пример кај таблетите, е секако чувството дека вистински притискаме некое копче. Ова е многу важно за да знаеме дали вистински сме го притиснале копчето, како и за пишување без гледање во тастатурата.

Сепак, нормалните, хардверски тастатури се многу дебели и доколку сакаме потенки лаптопи во иднината, Apple предложува тастатура која е на допир, но прави корисникот да мисли дека пишува на хардверска тастатура, како и тачпадот за кој пишувавме претходно, а кој е стакло со капацитивен допир и моторче кое со притисок буквално враќа на секое притискање со прстот, па чувството е како да сте притиснале на вистинско копче.

Тастатурата ќе ја има истата технологија, но тука веројатно ќе има потреба од многу повеќе такви моторчиња, кои би имитирале притискање. Иако на хартија ова звучи одлично, не би можеле, а да не се сомневаме во тврдењата на Apple дека оваа тастатура може да замени вистинска, хардверска, но добро е што работите одат во насока на подобрување на досегашните тастатури на допир.

Предностите на ваквата тастатура се големи. Прво, ќе биде многу потенка и ќе овозможи дизајнирање на многу потенки лаптопи. Потоа, ќе биде целосно рамна, што значи дека нема да собира многу нечистотии во нејзе, што е голем проблем кај тастатурите кај денешните лаптопи. И најважно од се, ќе може лесно да се персонализира, по потребите на корисникот. На пример, ова ќе овозможи користење на повеќе јазици на истата тастатура (македонски букви), односно распоредување на секундарните копчиња како што сака корисникот.

Apple веќе ја вградува “Haptic” технологијата во новиот MacBook, како и во Apple Watch, па логично е истата да ја префрли и на другите уреди, како и компоненти во истите. Сепак, решението на Apple не е првото кое се обидува да ги претвори тастатурите на допир во механички – Phorm тастатурата, за која исто така пишувавме, буквално излегува од површината и прави вистински копчиња од тастатурата на секој екран на допир, а со помош на мембрани полни со течност.

Извор: Geek

Претходна статијаСвитливите телефони и транспарентните екрани пристигнуваат веќе од наредната година
Следна статијаFacebook Messenger станува повеќе од едноставна апликација за разговори