Shutterstock.com

Оваа информација не е официјално објавена, барем се’ уште не. Истата е потврдена од страна на Google за неколку медиуми, меѓу кои The Verge и Reuters. Истата не доаѓа како некое изненадување, но се веруваше дека привремениот договор сепак ќе овозможи соработка барем со Google до целосното решавање на проблемот кој е на државно ниво.

Според информациите, забраната која ја имаат американските компании да соработуваат со Huawei поради ставањето на оваа компанија на листа, останува, а добиените привремени лиценци се однесуваат само на веќе претставените телефони, а истото важи и за најновата лиценца која истекува во ноември.

Доколку нешто не се промени, ова ќе значи дека наредниот уред од највисоката класа, Huawei Mate 30, нема да може да ги користи сервисите и апликациите од Google. Тоа значи дека иако телефоните може да работат на Android, поради тоа што системот е со отворен код и секој може да го користи, Google сервисите и апликациите кои се лиценцираат од страна на Google, нема да може да се користат.

Google сервисите и апликациите во основа се однесуваат на Play Store и останатите Google апликации, како Gmail, Maps, Chrome и други, а тие сигурно не се неважни за корисниците. Алтернативни продавници за апликации има, но тешко се наоѓаат добри алтернативи за апликациите од Google, барем за повеќето корисници кои не се од Кина.

Huawei веќе без проблеми функционира во Кина без апликациите од Google, но тоа не може да помине така лесно надвор од Кина, а посебно во Европа и САД. Во Кина се достапни повеќе продавници за апликации за Android, доста од нив познати и по малициозните апликации кои се достапни поради слабата проверка на истите.

Huawei го претстави својот оперативен систем HarmonyOS, меѓутоа тој уште не е планиран да функционира на паметните телефони.

Според мене, до пуштањето на наредните телефони од Huawei, би требало да биде најдено некакво решение за овој проблем, иако повторно привремено до официјалното решавање помеѓу двете држави.

ИЗВОРThe Verge
ИЗВОР 2Reuters
Претходна статија„Inside Bill’s Brain: Decoding Bill Gates“ е документарец во три дела којшто ќе биде достапен на Netflix од 20 септември
Следна статијаGoogle откри систем за хакирање на iPhone уредите само преку посета на хакирана веб страна
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.