Стартап Македонија го објави Google Digest календар со настани, обуки и активности наменет за сите кои се дел од стартап заедницата. Целта на Startup Google Digest календарот е да ги поврзе сите чинители на стартап екосистемот, не само во главниот град на нашата држава туку на регионално и на државно ниво, а со тоа и да се поттикне и постепено да се помогне развојот на стартап потенцијалот во Македонија.

„Македонските стартапи сега ќе имаат можност да ги следат сите настани на едно заедничко место  и лесно да ги добијат сите информации за тековни и претстојни настани, активности и обуки во Македонија кои му се потребни на стартап екосистемот. Наместо младите претприемачи да трошат часови во интернет пребарување за тоа каде и кога е следниот Startup Week, She Talks – Women In Tech или Global Initiative Business Trends, со овој календар сите податоци за ваквите настани ќе ги најдат на едно место“, изјави Марија Димовска, проектен менаџер на Стартап Македонија.

Димовска објасни дека акцелераторите, инкубаторите и социјално одговорните компании со еден клик можат да ги објават своите настани во Digest календарот, со што тие стануваат видливи и достапни за сите членови на стартап екосистемот. Сите кои сакаат да го следат календарот или пак да објават настан, може тоа да го направат на следниот линк: www.startupdigest.com/digests/macedonia. Голема предност е тоа што самиот календар лесно може да се интегрира во веќе постоечки дигитални календари, штом им овозможува на корисниците да ги гледаат настаните од Digest календарот во нивниот личен или професионален дигитален календар.

Истражувањето на Стартап Македонија покажа дека само еден мал процент од стартапи се имаат приклучено во програми кои им помагаат во развивање на своите идеи во производи. Истражувањето исто така покаже дека на  стартап заедницата и недостасува лесен пристап до информации за професионални настани и обуки, поради што Стартап Македонија одлучи да го создаде овој агрегатор на настани и обуки.

Без разлика дали сте млад претприемач, дел од стартап компанија, член на акцелератор, инкубатор или пак бизнис ангел, со Digest  календарот лесно и постојано ќе имате пристап до сите активности, обуки и настани во сферата на стартап екосистемот. Потребна ви е обука за Elevator Pitch или пак Lean Canvas моделот? Сакате да дознаете каде ќе се одржува следната средба на Womenpreneurs или пак наредниот хакатон или Code Level Up? Digest календарот е ќе ве информира за сите настани кои ќе се случуваат во наредните месеци. Календарот ги содржи сите потребни информации за претстојни настани и активности: времетраење, локација,  организатори и покровители, гости, како и информации за условите за учество на обуки и настани.

„Особено во раните денови кога истовремено сме менаџери, продавачи, HR професионалци и се останато, како претприемачи имаме потреба од менторство и обуки во најразлични области. Следење на сите релевантни настани е практично невозможно и особено ме радува тоа што овој Digest ќе ги собере сите можности на едно место и со тоа ќе придонесе кон забрзување на развојот на стартапите во Македонија“, изјави Катерина Трајчевска, основач и генерален менаџер на Адева.

Стартап Македонија е чадор организација која делува да го поврзе и зајакне македонскиот стартап екосистем, меѓу другото и преку дигитализација која ќе овозможи постојан проток на информации меѓу сите чинители во екосистемот. Startup Google Digest календарот се одржува со поддршка од Проектот на УСИАД за развој на деловниот екосистем.

Претходна статијаМлади фудбалери од ФК „Вардар“ дел од проектот „Фудбал за пријателство 2019“
Следна статијаSamsung ја одложи продажбата на Galaxy Fold