Shutterstock.com

Huawei веќе одреден период функционира без пристап до сервисите и апликациите од Google. Тоа значи дека и покрај тоа што уште го користи Android, кој е со отворен код и слободен секој да го користи и измени за своите потреби, сепак поради забраната за соработка од страна на властите во САД, новите телефони од Huawei не може да ги имаат апликациите од Google, како и Play Store продавницата.

Од тоа што можеше да се види во меѓувреме, Huawei воопшто немаат проблем да продолжат да функционираат одлично и на овој начин, па тие почнаа уште повеќе да ги промовираат своите сервиси и апликации, како и нивната продавница за апликации. Веќе почнаа да се најавуваат договори за алтернативни сервиси, па можевме да прочитаме дека од компанијата имаат склучено договор со TomTom за замена на Google Maps.

Со оглед на тоа што договор помеѓу Кина и САД е можен, па забраната за соработка на американските компании со Huawei да биде тргната, интересно е прашањето, што планира Huawei во таков случај. Дали ќе се вратат на користење на сервисите од Google или сепак ќе продолжат со користење на своите, што додека биде тргната забраната, тие може ќе биде и доста развиени и проширени.

Според информации од WinFuture.de, менаџерот за Австрија на Huawei, Фред Вангфеи, директно кажал дека доколку дојде до тргање на забраната за соработка и Huawei повторно има пристап до сервисите и апликациите од Google, тие нема да ги користат. Повторното користење ја задржува зависноста на Huawei од Google, а ништо не ја исклучува можноста во иднина пак да биде поставена забрана за соработка.

Сепак, во имејл комуникација со The Verge, од компанијата не ја исклучуваат целосно и до толку крајно можноста за повторна соработка со Google и користење на нивните сервиси.

Заклучокот е дека сепак ќе треба да почекаме да забраната биде тргната, за да може да се види дефинитивно каква би била одлуката на Huawei. Иако од една страна за продажбата на нивните уреди надвор од Кина, важна е достапноста на сервисите од Google, сепак, колку подолго трае забраната, толку повеќе Huawei ќе ги развие своите алтернативи, а корисниците ќе се навикнат на нивното користење.  

ИЗВОРTechRadar
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаDeathmatch: Киндл вс. печатени книги
Следна статијаAvast ќе престане да ги собира информациите за корисниците и ќе ја затвори Jumpshot компанијата
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.