google-charleston-east

Google кога купува – купува, и кога проектира – проектира. Доказ за тоа е планот за најновото проширување со уште еден кампус кој треба да биде изграден со транспарентни, стаклени ѕидови и да се простира на површина од околу 55 илјади метри квадратни.

Засега ппанираната површина е во посед на државата, па од Google поднесоа барање за долготраен закуп. Секако, не гледаме причина зошто властите би ги одбиле во ова барање (но треба да се земе в предвид дека ги одбија пред некое време за далеку поголема површина која ја доделија на LinkedIn). Површината се наоѓа во Mountain View, Калифорнија, и е поставена во близина на веќе постоечкиот нивен кампус. Во него секако ќе има простории за вработените во Google, но ќе има и огромен простор од 7 илјади метри квадратни за продавници и други бизниси, како и подземен паркинг.

Идејата на Google е да направи урбано село кое ќе биде благопријатно за нивните вработени и нивните семејства. Тоа значи да биде опремено со повеќето работи од кои тие имаат потреба, како продавници за храна, облека, технологија и така натаму. Тоа потенцијално вклучува и простории за живеење, како згради или куќи, но и градинки па можеби и школо за децата.

Дизајнот на кампусот е футуристички и интересен, базиран на стаклен „шатор“ кој ќе се простира околу целата површина и ќе биде провидлив. Дополнително, под шаторот ќе се наоѓаат модуларни блокови кои ќе можат да се заменат, мрдаат на друго место со помош на кранови и преуредат, нешто што би претставувало почеток во градењето на модуларни живеалишта.

Името на новиот кампус ќе биде Charlston East бидејќи се наоѓа веднаш до Charlston паркот, а ќе можете да го видите во живо за неколку години кога ќе биде завршен. Тоа подразбира властите да му го дадат побарано овластување на Google за почеток со градба.

Извор: Engadget, Wired, Time

Претходна статијаЛетна школа – АРЦЕЛОРМИТТАЛ СКОПЈЕ
Следна статијаСо Claxi патниците добиваат, а таксистите уште повеќе