Кога го лансираше својот најевтин модел “3”, Tesla вети дека тој ќе има автономија од дури 500 километри (за изведбата со најголем капацитет на батерии), што сега е потврдено од EPA, односно Агенцијата за Заштита на Животната Средина во САД. Ова е голема вест за Model 3, но скоро сигурно не доволна за да ги среди проблемите со производството.

EPA мерењата ги има направено со комбинирано возење во град и на отворен пат, односно автопат. Според нивните мерења, потрошувачката на енергија на Tesla Model 3 во град е еквивалентна на автомобил кој троши 1,8 литри гориво на 100 km, односно 2 литри на отворен пат или автопат, за просечна потрошувачка од 1,9 литри на 100 km. Да повторам, ова е само еквиваленција во однос на бензински автомобил, со цената на струјата и горивото во САД – кај нас возењето на автомобил на струја ќе биде уште поевтино.

Сепак, автономијата од 500 километри, која е многу поважна за голем број на купувачи, може да се постигне само со најскапиот модел, кој почнува од 44.000 долари. Основниот модел кој чини 35.000 долари постигнува автономија од 355 километри, што исто така не е за потценување, особено за голем автомобил како Model 3, кој забрзува до стотка за под 6 секунди.

Како и да е, иако бројките се импресивни, многу е тешко воопшто и да се стигне до Model 3, бидејќи Tesla не може да ги исполни квотите на производство. Всушност, тие се толку далеку, што времето на чекање за испорака на автомобил е продолжено на околу 4 години и се очекува да биде и подолго од тоа.

До тогаш, етаблираните производители сигурно ќе имаат свои натпреварувачи во класата на електрични автомобили, кои ќе бидат достапни да се купат веднаш во салоните и нејасно е дали оние кои платиле за преднарачка на Model 3 ќе сакаат да чекаат толку време. На пример, единствениот конкурент на Model 3 во моментов, Chevrolet Bolt, кој има автономија од 330 km, веќе е достапен за цена од 35.000 долари и се продава во многу поголеми бројки од Model 3.

Извор: The Verge, Autoblog, Jalopnik

Претходна статијаSamsung почна со производство на втората генерација на 10 nm чипови
Следна статијаSamsung работи на смартфон со “Edge” дисплеј на сите страни и без воопшто рамка