Shutterstock.com

Одлуката на Twitter да почне да ги проверува, како и останатите, објавите на Доналд Трамп беше голема вест, посебно по одлуката на претседателот да „возврати“ со донесување извршна одлука со која мрежите кои одлучуваат што може, а што не да биде објавено кај нив, веќе не може да бидат заштитени од тужби поради нешто што е објавено на нивната платформа.

Марк Закерберг, основачот и директор на Facebook, уште тогаш кажа дека тој не се сложува со таквата одлука и смета дека друштвените мрежи и компаниите генерално не треба да се доведуваат во ситуација да одлучуваат дали нешто е точно или не од тоа што е објавено.

Во основа, поентата е дека друштвените мрежи, како платформи со огромен број на корисници, се место каде секој објавува што сака и мрежите не треба да одлучуваат што е вистина, а што не, туку само да се погрижат дека тоа што се објавува не влегува веќе во кривично дело.

Од Twitter не се сложуваат со таквиот заклучок и тие почнаа да ги означуваат објавите кои сметаат дека не се точни, а ознаката вклучува линк до статии кои треба да го побијат тоа што се тврди во објавата.

Уште поголемо внимание оваа тема доби кога Доналд Трамп објави на Twitter и на Facebook, дека „…кога ќе почнат грабежите, ќе почне пукањето“. Twitter ја тргна оваа објава од Трамп, со објаснување дека е величење на насилство, а одредени групи сметаат дека ваквата објава само го има зголемено насилството при протестите и реакцијата на полицијата.

Facebook не ја тргна оваа објава, а дел од вработените на компанијата излегоа јавно да ја критикуваат оваа одлука, односно политика на раководството. Неколку од вработените дури имаат дадено отказ, а друга група има организирано „виртуелно напуштање на работното место“, во знак на протест.

Во текот на вчерашниот ден Марк Закерберг остварил видео конференција со вработените кои не се согласуваат со одлуката, а неколку портали, меѓу кои и The New York Times имаат дојдено до аудио снимка од разговорот.

Според тоа што тие го пренесуваат, Закерберг продолжува да ја брани одлуката и тврди дека истата не е донесена лесно. Консултирани биле сите можни аспекти и е заклучено дека сепак тоа што е објавено од страна на Трамп не е нешто што повикува на насилство, а посебно не од страна на обичниот народ.

Со оглед на тоа што немирите во САД не се намалуваат, започнати поради убиството на афроамериканец од страна на бел полицаец, па притисоците од многу групи се зголемуваат, не е чудо да видиме во иднина и Facebook да почне да трга одредени објави од Трамп, а тоа веќе го прават за многу други.

ИЗВОРThe New York Times
ИЗВОР 2Vox/Recode
Претходна статијаVivo ја претстави X50 серијата со три телефони и посебен систем за стабилизација на камерата
Следна статијаНова и несекојдневна атлетска трка HalkEco Хронометар 10KM
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.