Светски реномираната компанија NeoGames, водечки глобален снабдувач на решенија и услуги за електронска лотарија, понуди аквизиција на еден од најдобрите снабдувачи во iGaming индустријата, Aspire Global и неговите подружници, македонскиот BtoBet и компаниите Pariplay и End 2 End. Реализирањето на најавената аквизиција ќе значи воспоставување и зацврстување на позицијата на компанијата како лидер на пазарот, кој на своите партнери може да им обезбеди неспоредлива понуда во однос на конкурентите, покривајќи го целиот iGaming синџир на вредности.

Со оваа соработка, групацијата Aspire Global, а особено македонската компанија BtoBet која е дел од неа, преку присуството на NeoGames во Соединетите Американски Држави и во други земји со различни јурисдикции, ќе има можност да направи влез и да оствари раст на пазарите со високи приноси, истовремено поддржувајќи го растот на своите партнери во Европа, Латинска Америка и Африка.

Управниот директор на BtoBet, Зоран Спасов Ѕоф, изјави дека оваа понуда е уште еден доказ и дополнителна потврда за квалитетната работа на BtoBet, но и групацијата Aspire Global во целост. Тој додаде дека BtoBet на своите партнери им нуди решение за спортско обложување од светска класа преку употреба на својата врвна технологија, а самиот факт дека компанијата е дел од исклучително успешна групација значи дека доколку се реализира овој чекор, за BtoBet ќе се отвори плејада можности за понатамошен развој и напредок.

„Гледајќи наназад, аквизицијата на BtoBet од страна на Aspire Global која се реализираше во октомври 2020 година резултираше со исклучителни резултати за BtoBet, правејќи го еден од водечките снабдувачи на софтверски решенија за спортско обложување, како во однос на еволуцијата на производите, така и во однос на географската експанзија. Сега, со понудената аквизиција на NeoGames, BtoBet може да искористи уште поголеми можности кои дополнително ќе го одржат силниот раст на компанијата“, вели Спасов.

Инаку, понудената трансакција од околу 420 милиони евра, подлежи на одредени услови и се очекува да биде реализирана во првата половина од оваа година.

Претходна статијаIntel ги претстави чиповите од 12та генерација за лаптоп компјутерите
Следна статијаWizz Air ги прекинува сите летови од и до Украина