Yahoo!_logo

Едно време дефиниција за интернет за поголемиот број на корисници, денеска Yahoo не успева да ја задржи оваа позиција која што ја изгуби од компаниите како Google и Facebook и нивните сервиси. Иако страните на Yahoo се едни од најпосетуваните, сепак заработката и профитот не се како што би сакале нивните акционери и менаџери.

Излез од ваквата ситуација од компанијата се обидоа да најдат преку ангажирање на сега познатата Мариса Маер која што беше поставена на главната директорска позиција во 2012. Таа премина во Yahoo од Google каде што одреден период имаше и менаџерска позиција во компанијата.

Меѓутоа, како што и на повеќето им е јасно, ништо досега не успеа барем да почне да ја враќа позицијата која што еднаш ја имаше Yahoo. Направени се повеќе обиди, редизајнирани се повеќето сервиси, направено е и инвестирање во нови сервиси и слично, меѓутоа некој посебен успех не е постигнат.

Од ваквата ситуација одборот на компанијата сериозно размислува како да излезе. Според неофицијални информации до кои што имаат дојдено The Wall Street Journal се разгледуваат неколку можни мерки кои што би можеле да се преземат.

Едната е продажба на главниот и основен бизнис на компанијата на друга компанија. Главниот бизнис на компанијата се состои од интернет пребарувач, Yahoo Mail, како и други страни поврзани со спорт, вести и слично. Исто така, дел од бизнисот на компанијата вклучува е рекламирање кое што можеби се покажа и како најслаб дел од другите.

Друга можност која што се најавува е продажба на уделот кој што го има компанијата во Alibaba, како и во Yahoo Japan. Yahoo има 15% удел со вредност од околу 32 милијарди долари во Alibaba и 35% удел во Yahoo Japan со проценета пазарна вредност од околу 8,5 милијарди долари.

Изворите нагласуваат дека се размислува како за една од овие две мерки, така и за нивна комбинација. Веќе е истакнато дека се разгледуваат понуди од приватни компании кои што се заинтересирани за купување на Yahoo.

Како помалку веројатна можност се гледа продажбата на уделите на компанијата во Alibaba и Yahoo Japan, во главно поради нивната голема вредност, поголема од главните бизниси, како и неможноста за продажба без оданочување во САД од страна на нивната даночна служба IRS.

Повеќе информации околу случувањата се очекува да има оваа недела, односно до петок, а се нагласува дека состаноците на одборот на компанијата ќе започнат од денес.

Извор: WSJ, PCWorld, Engadget, Cnet, VB

Претходна статијаGoogle патентира систем за автономни возила кој ќе ги предупредува пешаците
Следна статијаЦентарот за известувања на десктоп тргнат од најновата верзија на Google Chrome
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.