Скопје, 31 мај –  Успешни и реномирани личности од Македонија ќе ги споделат своите животни и професионални искуства и совети со младите, на втората конференција „Чувари на мудроста“ BACK 2 BACK, во организација на Халкбанк АД Скопје, која ќе се одржи на 11 јуни во МКЦ.

Првиот човек на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, успешните претприемачи Нина Ангеловска и Петар Ниновски, професорите Мишко Ралев и Радмил Поленаковиќ, Неда Малеска од Центарот за управување со промени, невропсихијатарот Славица Гајдаѕис – Кнежевиќ, културната работничка Искра Гешовска се само дел од говорниците на настанот.   

Целта на конференцијата е да се обединат и искористат искуствата и знаењето на искусните и успешните професионалци во различни области за да се пренесат практични мудрости и да се поддржи кариерниот развој и едукацијата на младите луѓе.

Концептот на настанот предвидува седум сесии на различни теми, на кои говорниците ќе дискутираат во парови и ќе ги споделат своите искуства за областа во која работат. Публиката ќе има можност да слушне корисни совети за кариерен развој, но и за животната философија на говорниците од различни генерации.

„Младите се постојано во фокусот на работата на Халкбанк и грижата за нивниот развој како идни лидери во нашето општество е еден од темелите на политиката за општествена одговорност на компанијата. Сметаме дека една од работите што нѝ недостига е поактивна меѓугенерациска комуникација и размена на мислења, ставови и искуства. Конференцијата „Чувари на мудроста“ го овозможува токму тоа и верувам дека ќе биде силен поттик за многу млади да научат од оние кои веќе цврсто газат на патот на успехот“, вели Маја Наумовска Савеска, директор на корпоративни и маркетинг комуникации во Халкбанк.

Конференцијата „Чувари на мудроста“ е бесплатна и отворена за сите млади. Заради ограничениот број, сите заинтересирани треба да се регистрираат и да го пријават своето учество на следниот линк: bit.ly/Конференција-ЧувариНаМудроста.

Во рамки на конференцијата ќе се одржат работилници за дефинирање и развој на бизнис идеи кои ќе произлезат од младите. Присутните ќе имаат можност да посетат и работилница за брендинг на стартап компании. Младите, на настанот ќе добијат симболичен подарок и серитификат за присуство од организаторот, а најсреќните од нив и вредни награди.

Претходна статијаТрета меѓународна конференција „Унапредување на безбедноста во сообраќајот на патиштата“
Следна статијаДел од новите функции со вештачка интелигенција на Apple ќе работат само на iPhone 15 Pro уредите