По познатиот случај во кој властите бараа од Apple да ја пробијат заштитата на iPhone уред, сега повторно читаме за барање од властите да се добие пристап до заштитена содржина, во овој случај на Facebook Messenger.

Оваа позната апликација за разговори, со повеќе од милијарда корисници, веќе одреден период има можност за заштитени, односно шифрирани разговори. Шифрираните разговори треба посебно да се вклучат, односно оваа функција не е стандардно вклучена за сите разговори преку мрежата.

Властите, поточно Министерството за правда на САД, бара од Facebook да овозможи слушање на разговорите кои се прават преку функцијата за шифрирани разговори, што според информациите, Facebook не сака да го овозможи.

Барањето од министерството доаѓа во рамките на судски процес којшто е затворен за јавноста и се одвива во федерален суд во Калифорнија. Предмет на процесот е криминалната банда MS-13 која „оперира“ во САД и Централна Америка.

Од министерството имаат побарано Facebook да бидат казнети за непочитување на судот поради одбивање да го спроведат барањето за слушање на разговорите.

Според Facebook, за да овозможат пристап до шифрираните разговори, тие треба целосно да го променат кодот на апликацијата, што ќе овозможи пристап до разговорите на сите корисници на Messenger или пак да ја хакираат сметката на конкретниот корисник. Според информациите, Facebook моментално не се спремни да го направат било кое од двете работи.

Ваквите судења привлекуваат внимание поради верувањето дека компаниите веќе имаат пристап до шифрираните разговори на корисниците, односно поради верувањето дека и да немаат, тие ќе овозможат после овие судски постапки.

ИЗВОРReuters
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаКако да си ги заштитите потрошувачките права ако ви дојде невообичаено висока сметка за мобилен?
Следна статијаТест на огромната нова батерија на Galaxy Note9 во споредба со конкуренцијата
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.