Според информација која ја објавија The Information, TSMC и Intel планираат да формираат заедничка компанија која ќе ги користи фабриките од Intel за производство на чипови.
Тоа што е интересно е што TSMC наводно ќе има удел од само 20%, додека остатокот би бил на Intel, но и на други компании кои засега не се познати кои се.
Јасно станува дека од ваквото здружување во главно корист ќе имаат Intel кои не успеаја да останат главни во бизнисот како што беа порано. Една од главните причини за проблемите кои ги имаат од компанијата не е само во дизајнот на чиповите, туку и во производствениот процес, нешто во кое TSMC слободно може да се каже дека се на првото место во светот.
Според информациите, со ова би се донело производството на чипови во голем дел назад во САД, а за тоа би се користеле фабриките од Intel. Овој дел изгледа би бил повеќе проблематичен за компанијата која ќе мора целосно да ја промени структурата на фабриките поради некомпатибилноста со процесот кој се користи од страна на TSMC.
Од друга страна, се верува дека TSMC ќе мора да ги обучи вработените од Intel за работа со нивниот процес, односно технологија, па засега не е познато како од компанијата се имаат одлучено на овој потег.
Изгледа дека голема улога во тоа има новата администрација во САД, односно претседателот Трамп кој уште од кампањата најавува враќање на производството во САД, додавање на царини, нешто што вчера го направи и слични мерки за засилување на економијата на земјата.
Официјалните информации кои ги чекаме, ќе разјаснат што точно се случува.