Можеби Samsung имаше по некој проблем со нивниот Exynos чип, па оваа година нивната главна серија на смартфони работи само со Snapdragon 8 Gen 2, но сепак од компанијата се голем играч на пазарот, а тоа нема да се промени ни во иднина.
Веќе можевме да прочитаме дека од компанијата прават одредени промени преку кои треба да дојде до развој на нов чип на кој во иднина ќе работат нивните уреди. Овој чип наводно треба да е развиен целосно од почеток, а покрај дивизијата која работи на чипови, во тимот овој пат ќе бидат вклучени и од дивизијата за развој на смартфоните.
Работите одат уште повеќе во позитивен правец преку вработување на Лин Џун-ченг, поранешен вработен во TSMC, можеби најголемиот конкурент на Samsung кога се во прашање чиповите и нивното производство.
Џун-ченг треба да биде дел од тимот кој работи на „пакување“ на чиповите, односно технологијата за нивно составување, нешто што е важен дел од производствениот процес.
Тој ќе ја има позицијата на виш потпретседател во Device Solutions дивизијата од Samsung Electronics, односно во дивизијата каде што се произведуваат чиповите. Во TSMC има работено од 1999 до 2017, по што станува директор на исто така тајванската компанија Skytech.
Познато е дека покрај проблемите со Exynos, Samsung имаше проблем и со самото производство на чиповите. Минатата година Snapdragon 8 Gen 1 беше произведен во компанијата, па имаше критики за одредени перформанси, по што Snapdragon 8+ Gen 1 беше префрлен за производство во TSMC.
Резултатот од промените кои ги прави Samsung треба да ги видиме во годините што следат, а од компанијата планираат и отворање на фабрики во САД кои треба да почнат со работа веќе и од идната година.