Иако денес најпознат и најмногу користен сервис за зачувување на линкови е Pocket, Instapaper ќе остане запаметен како еден од првите вакви сервиси кои станаа достапни за корисниците.
За потсетување, Instapaper е сервис кој им овозможува на корисниците се што ќе отворат на веб, да го зачуваат за подоцна да го отворат, прочитаат и слично. За таа цел достапни се екстензии за интернет прелистувачите, како и апликации за паметните телефони.
Од оваа недела, Instapaper станува дел од познатата фото социјална мрежа Pinterest. Тимот на компанијата ќе стане дел од Pinterest, но ќе продолжи да работи на развојот на својот сервис и апликации, како и генерално на развојот на Pinterest.
Апликациите на Instapaper ќе останат достапни и ќе продолжат да бидат развивани, па барем во овој период, корисниците може слободно да продолжат да го користат сервисот, без страв дека ќе треба да бараат алтернатива.
Повеќе информации околу договорот нема, а ја нема ни сумата за којашто се имаат договорено двете компании.
Инаку, Instapaper е развиен од програмерот Марко Армент, кој го продава својот производ на компанијата Betaworks во 2013 година, компанија од која сега Pinterest го купува сервисот.
Извор: Instapaper, The Verge