Компанијата која некогаш беше симбол за мобилни телефони, гигант и убедливо најсилен бренд од индустријата, без конкуренција, во последните десетина години речиси „испари“ од сцената. Пазарот го преземаа компании кои во периодот на доминацијата на Nokia беа практично непознати за просечниот корисник. Во првата декада од новиот милениум некој да кажеше дека Nokia, Sony Ericsson или Siemens многу брзо ќе бидат истиснати од пазарот, ќе беше предмет на потсмев.

Меѓутоа токму тоа се случи. Се појавија некои „нови“ Apple, Samsung, Huawei и буквално „избришаа под“ со она што некогаш беа гиганти во производството на мобилни телефони.

Сепак, се чини дека Nokia не ја предава битката туку така. По дебаклот кој ги снајде со Lumia, спремни се за повторен обид. Финскиот бренд реши да се прилагоди на новите ситуации на пазарот и разработи паметен телефон, кој функционира на Android оперативен систем.

Брендот сега во сопственост на HMD Global, го претстави уредот именуван Nokia 6. Телефонот нуди просечни перформанси, односно не може да се спореди со некој од актуелните „знаменосци“. Изгледа стратегијата беше да се понуди уред кој ќе биде достапен за голем број корисници, а сепак ќе успее да држи чекор со актуелните трендови во индустријата. Неговата цена која изнесува помалку од 200€ ја потврдува оваа теза.

И може да се рече дека стратегијата е успешна. Последните информации од анализите на последниот квартал лани одат во полза на легендарната Nokia. Податоците кои ги понуди Counterpoint велат дека токму 6-ката успеала да продаде дури 4,4 милиони примероци. Останатите уреди од брендот достигнуваат вкупна бројка од 20 милиони.

Овие бројки ѝ обезбедија високо 6-то место на листата според уделот во пазарот на мобилни телефони. Нималку спектакуларен резултат, но сепак одличен за компанија која многумина предвремено ја пензионираа. Особен успех брендот оствари на пазарите на Блискиот Исток и во Виетнам. Што е одлична стартна позиција за евентуален comeback, имајќи в предвид дека се работи за големи пазари, особено Виетнам.

ИЗВОРTechno Buffalo
ИЗВОР 2Counterpoint Research
Претходна статијаПрепораки од ИАБ Македонија во однос на измените на Google поврзани со Chrome
Следна статијаЗапознајте се со Blokverse – македонски стартап лансиран од Netcetera