Samsung, како дел од нивните маркетинг активности, обезбеди 12.500 Galaxy S7 edge Olympic Games Limited Edition уреди за учесниците на овогодинешните Олимписки Игри во Рио. Тоа значи дека сите атлетичари учесници на игрите, околу 11.000, добија по еден уред од оваа позната компанија.
Сепак, не сите учесници ќе може да се пофалат со својот нов уред. Според информациите, менаџерот на севернокорејскиот тим ги подигнал уредите кои следувале за учесниците од неговата земја и истите не биле поделени на нив.
Се работи за 31 уред за кои атлетичарите не биле ни запознаени дека им следуваат.
Оваа информација сепак не доаѓа како изненадување, со оглед на угледот на Северна Кореа. Исто така, на ова треба да се додаде и фактот што Samsung е компанија од Јужна Кореа, па работите дополнително стануваат појасни.
Покрај ова, на атлетичарите од Северна Кореа наводно им било забрането да посетуваат било какви места за време на нивниот престој, како и да комуницираат со останатите учесници.
Дали сето ова е навистина така како што кажуваат информациите сепак не може баш да се потврди, па останува само верувањето врз основа на угледот којшто го има Северна Кореа.