Софтверскиот гигант изминативе неколку години, исто како и неговите конкуренти, имаше особено голем проблем со решенијата кои ги нудеше на кинескиот пазар. На пример, пред неколку години во Кина беше забранет Windows 8 поради загриженост од намалена безбедност, за што кинеската влада лансираше анти-монополска акција.

Поради сето ова, Microsoft спреми специјална верзија на Windows 10, која ќе биде наменета токму за Владата на Кина. Што има во оваа верзија и по што ќе се разликува од стандардната не е објавено, но моја претпоставка е дека сите алатки за следење на корисникот се исклучени во неа.

Всушност, тоа порано беше и главната загриженост на Кинезите – нивните информации потоа да не одат во САД, односно да се искористат во шпионски цели. Затоа, тие порано се потпираа на Linux како софтверско решение, поточно со компанијата Canonical со копија на Windows наречена Kylin, а подоцна и со подобрена верзија NeoKylin.

Сепак, моќта на Windows како оперативен систем не може да се занемари, а не може ниту да се занемари потребата на една толку голема земја како Кина од страна на Microsoft. Затоа, ова партнерство ќе биде погодно и за едната и за другата страна од договорот.

Сето ова се чини нема да го реши проблемот со пиратерија на Windows 10 во Кина, иако Microsoft потајно се надева на тоа. Имено, Кина е земјата со најмногу пиратски Windows верзии во светот, но и со најголем потенцијал за нови активации кои на Microsoft би му донеле голем раст на софтверскиот оддел.

Извор: The Verge, The Next Web, Wall Street Journal

Претходна статијаARM претстави нови DinamIQ чипови наменети за новата генерација на уреди со вештачка интелигенција
Следна статијаApple лансира освежен iPad и црвен iPhone 7 и 7 Plus