Скопје, 8 мај 2025 – Советот на Агенцијата на денешната 19-та седница, усвои Нацрт – Правилник за формата и содржината на пријавата за упис во регистарот на издавачи на онлајн медиуми-интернет портали и за начинот на водење на регистарот на издавачи на онлајн медиуми-интернет портали и Нацрт-Образец за доставување податоци за обезбедување јавност во работењето на издавачите на онлајн медиуми – интернет портали.
Со последните измени и дополнувања на Законот за медиуми е предвидено евидентирање на онлајн медиумите-интернет порталите во Регистар на издавачи на онлајн медиуми-интернет портали, кој ќе го води Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги како надлежно регулаторно тело.
Регистарот на издавачи на онлајн медиуми-интернет портали ќе се води во електронска форма и ќе содржи основни податоци за издавачот на медиумот (назив и адреса на издавачот на медиумот, име и презиме на одговорното лице, името и интернет адресата на онлајн медиумот и регистрантот на македонскиот .мк или .мкд интернет домен). Образецот содржи податоци за сопственичката структура, уредништво, податоци за економското работење во претходната година и бројот на вработени во медиумот.
Агенцијата ги повикува сите заинтересирани страни, со свои мислења и предлози да учествуваат во јавната расправа и истите во писмена форма да ги достават по електронски пат на е-адресата contact@avmu.mk.
Јавната расправа ќе трае 15 дена, заклучно со 23 мај 2025 година.